Линкови за пристапност

Трамп повика ООН да побара одговорност од Кина за пандемијата


Американскиот претседател Доналд Трамп повика Обединетите Нации „да побараат одговорност од Кина за нејзините постапки“ во својот говор пред Генералното Собрание во вторникот.

Во претходно снимено обраќање од Белата Куќа Трамп ја обвини кинеската Влада за глобалното ширење на Ковид-19, вирус кој досега зарази 31 милион луѓе и уби над 950 илјади.

Во првите денови од вирусот Кина го ограничи домашното патување додека дозволи летови да заминат од земјата и да го заразат светот.
Доналд Трамп, претседател на САД

„Во првите денови од вирусот Кина го ограничи домашното патување додека дозволи летови да заминат од земјата и да го заразат светот“ рече Трамп во неговото обраќање. „Кинеската Влада и Светската Здравствена Организација (СЗО) која е буквално контролирана од Кина лажно објавија дека нема докази за пренос од човек на човек“ додаде тој.

Кина и СЗО за кого претседателот го прекина финансирањето од САД „лажно велеле дека луѓето без симптоми не можат да ја пренесат болеста“ рече Трамп.

Говорот на Трамп беше невообичаено критички кон Кина за едно обраќање пред Генералното Собрание на Обединетите Нации, смета Џулијан Ку, професор по право на Универзитетот Хофсра.

„Со тоа што ја посочи Кина како одговорна за ширењето на вирусот и со тоа што го нарече вирусот кинески, претседателот сака да добие глобална поддршка да се бара одговорност од Кина“ вели тој.

Ку за Гласот на Америка вели дека е скептичен оти забелешките на Трамп ќе убедат некои некого во ООН да преземе мерки.

„Сепак, може да го зголемат глобалниот притисок врз Кина да соработува поцелосно со меѓународните истражители за потеклото на пандемијата и за нејзиното ширење“ вели тој.

Во своето снимено обраќање кинескиот претседател Ши Џинпинг рече дека треба да биде отфрлен обидот за политизација на пандемијата и дека на СЗО треба да и биде дадена водечка улога во меѓународниот одговор на вирусот.

Соединетите Држави се најтешко погодена земја од корона вирусот со повеќе од 200 илјади починати и над 6.9 милиони потврдени инфекции, покажува анализата на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Трамп беше жестоко критикуван за начинот на кој се справува со пандемијата вклучително и од некои поранешни функционери во неговата администрација.

Трамп го бранеше одговорот на САД нарекувајќи го „најагресивна мобилизација од Втората светска војна.“ Тој пред Генералното Собрание рече дека Соединетите Држави „ќе дистрибуираат вакцина, ќе го победат вирусот, ќе и стават крај на пандемијата и ќе влезат во нова ера на невиден просперитет, соработка и мир.“

Пандемијата го промени годишниот настан на кој светските лидери вообичаено се собираат во Њујорк и го чекаат својот ред да се обратат пред Собранието.

Во својот говор Трамп исто така го спомна американско посредништво за договорот за економска соработка меѓу Србија и Косово како и договорите кои неговата администрација помогна да бидат постигнати за нормализација на односите на Израел со Бахреин и со Обединетите Арапски Емирати.

Трамп исто така ги спомна и напорите за завршување на војната во Авганистан каде силите на САД се распоредени уште од 2001-та. Веќе се изготвени планови за намалување на бројот на војници таму на 4.500 до ноември.

Додека зборуваме, САД исто така работат на ставање крај на војната во Авганистан и ги враќаме нашите трупи дома. Америка ја исполнува својата судбина како миротворец.
Доналд Трамп, претседател на САД

„Додека зборуваме, САД исто така работат на ставање крај на војната во Авганистан и ги враќаме нашите трупи дома. Америка ја исполнува својата судбина како миротворец“ рече Трамп.

Друга тема на која зборуваше Трамп беше Иран. САД и покрај противењето на земјите – членки на Советот за безбедност на ООН објави дека повторно воведува санкции против Иран кои беа тргнати по постигнувањето на договорот за нуклеарна програма во 2015-та година.

Другите потписници на нуклеарниот договор со Иран ја отфрлија постапката на САД велејќи дека откако администрацијата на Трамп се повлече од спогодбата во 2018-та не може да го користи механизмот на санкции кој го одобри Советот за безбедност.

Претседателот исто така ја промовираше својата желба за приоритизирање на интересите на САД пред мултилатералните напори, тема која ја има нагласувано и во неговите претходни обраќања пред меѓународната организација.

„Со децении истите уморни гласови ги предлагаа истите пропаднати решенија, целејќи кон глобални амбиции на сметка на својот народ. Но, само кога ќе се погрижите за своите граѓани ќе може да ја најдете основата за соработка“ заклучи Трамп.

XS
SM
MD
LG