Линкови за пристапност

Трамп во ООН ќе испрати „силна порака“ до Кина


(Вашингтон, АП) Претседателот Доналд Трамп претпочита да зборува пред гласна толпа, но поради корона вирусот тој ќе има претходно снимено видео обраќање пред Генералното собрание на Обединетите Нации. Говорот доаѓа во време кога тој се справува со пандемијата на корона вирус, заладените односи меѓу САД и Кина и заканите од Северна Кореја и Иран. Сето тоа се случува и во време на вжештена кампања за негов реизбор.

Трамп вели дека ќе има „силна порака“ за Кина каде беа регистрирани првите случаи на Ковид-19, но не образложи повеќе. Неговата администрација ја напаѓа Кинеската комунистичка партија за справувањето со Ковид-19, трговијата, шпионажата во САД и за нејзиното влијание и мешање во светот.

Трамп не е популарен во Обединетите Нации и неговиот говор годинава доаѓа во време кога земјите – членки се спротивставуваат на Вашингтон. Во понеделникот Трамп објави дека санкциите на ООН кон Иран се повторно воспоставени, потег што поголемиот дел од светот го смета за незаконски.

Белата Куќа го нема проверено говорот на претседателот, но се очекува дека Трамп ќе ги потенцира договорите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

Претседателот веројатно ќе ја потенцира и својата заслуга за договорот за економска соработка меѓу Србија и Косово и за тоа што ги убеди членките на НАТО да трошат 2% од нивниот БДП на нивната одбрана за да се олесни товарот што го има Алијансата.

Може да се обрати и до лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун. Во 2017-та пред Обединетите Нации рече дека носи „порака на мир“, но потоа кажа дека ако САД се приморани да се бранат од Ким, „ќе немаме избор освен целосно да ја уништиме Северна Кореја.“

Трамп се замерува со мултилатералните организации во текот на неговиот мандат иако неговите помошници велат дека тој не е против сите мултилатерални групи, само против оние кои не се ефикасни. Откако се прошири Ковид-19 Трамп ја повлече поддршката за Светската Здравствена Организација велејќи дека таа е попустлива кон Кина.

XS
SM
MD
LG