Линкови за пристапност

САД воведуваат нови санкции врз Иран


Соединетите Држави воведуваат нови санкции кон Иран со цел да се ограничат нуклеарните, ракетните и програмите за конвенционално вооружување на Техеран откако Вашингтон во соботата побара од Обединетите Нации повторно да воведат ембарго за вооружување на неодредено време.

Советникот за национална безбедност во Белата Куќа, Роберт О Брајан изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведува нови санкции и мерки за контрола на извозот за 27 компании и индивидуи поврзани со програмата за нуклеарно оружје на Иран.

Извршна наредба подготвена во Белата Куќа ги опишува плановите за блокирање на имотот на индивидуи кои се вклучени во трансфер на материјали за оружје и на воена опрема во и од Иран.

Американскиот оддел за финансии исто така подготви план како странци би биле санкционирани за прекршувања.

САД во саботата побараа од ООН повторно воведување на санкциите кои беа олеснети со нуклеарниот договор од 2015-та.

Генералниот секретар Антонио Гутереш рече дека ООН нема да преземат никаква акција „додека се чека на појаснување од Советот за безбедност“ за тоа дали санкциите кои беа укинати треба повторно да бидат воведени.

Кина и Русија го отфрлија предлогот на САД додека Обединетото Кралство, Франција и Германија велат дека барањето на САД нема правен ефект.

Американските власти велат дека поединци и компании, вклучително и европски банки, кои му помагаат на Иран во прекршување на санкциите ќе бидат казнети.

XS
SM
MD
LG