Линкови за пристапност

Во игра се пет имиња за пополнување на испразнетото место во Врховниот суд на САД


Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја стеснил листата на можни кандидати за Врховниот суд на пет имиња и дека очекува да го соопшти својот избор за тоа кој би ја заменил починатата судијка Рут Бадер Гинсбург до петок или до сабота.

Трамп рече дека ќе именува жена и објави три имиња кои ги разгледува – Ејми Кони Барет, Барбара Лагоа и Алисон Џоунс Рашинг. Сите три се конзервативни судијки кои тој ги има именувано за апелациските судови во последниве години. Одби да ги соопшти другите две имиња кои ги разгледува додека гостуваше на телевизијата Фокс.

„На крајот на краиштата ние победивме на изборите и имаме обврска да го направиме она што е исправно и да дејствуваме колку што е можно побрзо“ изјави Трамп отфрлајќи го тврдење на неговиот противкандидат Џо Бајден кој рече дека победникот треба да ја направи одлуката за нов судија откако ќе го преземе новиот мандат во Белата Куќа.

Трамп рече дека Сенатот треба да гласа и да го потврди неговиот предлог пред изборите кои се одржуваат за шест недели. Тој рече и дека „нема шанси“ Демократите да не пробаа да го пополнат испразнетото место доколку ги контролираа и Белата Куќа и Сенатот како што е случај сега со Републиканците.

Трамп рече дека ќе го објави неговиот избор откако ќе завршат службите за Гинсбург која почина на 87 години во петокот по долготрајна битка со рак.

„Мислам дека ќе биде во петок или во сабота зашто сакаме да оддадеме почит, по се изгледа службите ќе бидат во четврток или во петок, па затоа мислам дека со сета почит кон судијката Гинсбург треба да почекам да завршат“ рече претседателот.

Од објавените три имиња, единствено Лагоа имаше лесно гласање во Сенатот кога беше избрана за апелациска судијка, доби 80 наспроти 15 гласови со поддршка и од Демократите. Таа е првата Американка од Куба која беше судијка во Врховниот суд на Флорида пред да стане федерална судијка во 2019-та.

Од друга страна Барет и Рашинг се соочија со силна опозиција од Демократите при нивните назначувања во апелациските судови.

Барет 15 години предавала право на Универзитетот Нотр Дам, еден од најистакнатите католички универзитети во САД пред Трамп да ја номинира за апелацискиот суд во 2017-та. Тогаш Демократите во своите критики ја изразија загриженоста за важноста на религијата во нејзиниот живот. Цитираа коментар што го има дадено на Универзитетот дека „правната кариера е само средство за постигнување на целта, а тоа е градење на Божјото царство.“

38 годишната Рашинг ја доби позицијата во апелацискиот суд со поддршка единствено од Републиканците. Демократите, како и групите за граѓански права и за права на ЛГБТ заедницата се спротивставија на нејзината номинација. Го цитираа нејзиното волонтирање во Алијансата за одбрана на слободата, конзервативна и христијанска невладина организација базирана во Аризона која бранеше пекар од Колорадо пред Врховниот суд во случај во кој тој одбил да направи торта за геј свадба, како и во друг случај со кој им се овозможи на компаниите да не обезбедат осигурување за покривање на контрацептивни средства поради религиозните убедувања на сопствениците.

XS
SM
MD
LG