Линкови за пристапност

Семејство, работа и опера - последното лето на Гинсбург


Се гледаше со семејството, вежбаше, слушаше опера, работеше во судот, дури и изврши венчавање. Така судијката Рут Бадер Гинсбург ги мина последните недели од својот живот пред да почине во петокот, на 87 години.

Оние кои беа во контакт со неа или со нејзините помошници велат дека добро ја поднесувала терапијата за рак и дека имала планови за настани и по неколку месеци. Поради ова информацијата за нејзината смрт дојде како изненадување, дури и за дел од нејзините блиски пријатели.

Мери Хартнет, една од нејзините двајца официјални биографи, ја посетила Гинсбург кон средината на август во нејзиниот дом во комплексот Вотергејт во Вашингтон. Вели дека Гинсбург „грабела напред“ и покрај повторната појава на рак.

„Навистина се бореше со тоа, во суштина на крајот нејзиното тело едноставно се откажа“ вели Хартнет.

Хартнет која носела маска и се тестирала за корона вирус пред да ја посети вели дека судијката продолжувала да работи за судот. Исто така вежбала, трчала на лента и правела вежби подготвени од нејзиниот личен тренер. Навечер гледала опера.

Хартнет вели дека ја прашала судијката дали има нешто позитивно во нејзината болест и во пандемијата со корона вирус.

„Таа веднаш се насмевна и рече – да, имам доволно време за моето семејство и тие се прекрасни“ вели Хартнет.

Гинсбург кон средината на јули соопшти дека добива хемотерапија, петти пат откако и беше дијагностициран рак во 1999-та.

„Често велев дека ќе бидам член на Судот се додека можам да ја работам работата со полн капацитет. Способна сум да го правам тоа“ изјави тогаш Гинсбург.

Еден ден пред да почине Гинсбург беше одликувана со Медал на слободата од Националниот уставен центар. Претседателот на Центарот, Џефри Росен, во видео обраќање рече дека „Гинсбург ги следи од дома“. Речиси двочасовното видео вклучуваше и дел од омилени оперски пејачи на Гинсбург и познати пријатели кои директно и се обратија.

Гинсбург испратила порака која Ценарот ја објави. Таа завршува со „брависимо за учесниците, за сите кои беа дел од него, навистина ми го кренавте духот.“

Следниот ден почина на 87 години.

XS
SM
MD
LG