Намерата на Трамп да номинира нов судија во Врховниот суд на шест недели пред да се соочи со реизбор на 3-ти ноември предизвика жестока политичка битка во Вашингтон.
Во Сенатот дел од Републиканците велат дека ќе ја поддржат номинацијата на претседателот, а демократите побараа тоа да биде одложено за по изборите односно кога Трамп или Бајден ќе добијат нов четиригодишен мандат.
Трамп сака Сенатот бргу да го потврди неговиот избор, пред изборите. Сепак, нејасно е дали Републиканците кои имаат мнозинство од 53 наспроти 47 ќе дејствуваат пред гласањето на 3-ти ноември.
Во 2016-та Републиканците одбија да дозволат разгледување на последната номинација на претседателот Барак Обама за Врховниот суд, Мерик Гарланд. Тогаш велеа дека испразнетите места во судот треба да останат такви во изборна година, кога граѓаните треба да го кажат своето мислење.
Тогашниот кандидат Доналд Трамп исто така изјави дека номинацијата треба да почека додека не биде избран нов претседател.
„Мислам дека следниот претседател треба да го направи изборите, мислам дека не треба да продолжат и верувам дека ова е на линија со она што го велат Републиканците“ изјави Трамп за СиЕнЕн во март 2016-та.
Дел од Републиканците велат дека сакаат да го одложат назначувањето за по изборите иако дотогаш Бајден може да биде претседател а Демократите може да ја преземат контролата и во Сенатот. Од друга страна може и Трамп да добие втор мандат а Републиканците да го задржат мнозинството.
Демократите ги потсетија своите републикански колеги на нивното одбивање да го земат предвид номинираниот кандидат од претседателот Обама за време на претседателската трка во 2016 година.
„Луѓето го избираат претседателот, а претседателот ги избира судиите. Така функционира ова “, рече демократската сенаторка Ејми Клобучар. „Тие го поставија овој нов преседан во 2016 година и мора да го почитуваат тоа.“
Двајца Републиканци членови на Сенатот при гостувања на телевизија во неделата изјавија дека имаат намера да се оди со гласање и пред изборите.
„Да бидеме многу јасни - ако ситуацијата беше обратна, а Демократите ги имаа и Белата куќа и Сенатот, и тие сега ќе се обидоа да потврдат друг член на Врховниот суд“, рече републиканскиот сенатор Џон Барасо.
Сенаторот Тед Круз од Тексас рече дека потврдувањето на деветтиот судија во Врховниот суд пред изборите е од суштинско значење за да се избегнат можни, неодлучни гласови од 4 наспроти 4 кои може да се појават за прашања за поврзани со изборите.
Тој рече дека постои „сериозна можност за уставна криза“ во случај на тесен резултат на изборите, слично како во 2000-та година кога Џорџ Буш Помладиот го доби мандатот со судска одлука откако беше сопрено пребројувањето на гласовите во клучната држава Флорида.