Продолжуваат шумските пожари во Северозападниот дел на САД, во сојузните држави Калифорнија, Орегон и Вашингтон. Досега изгореа илјадници домови и бизниси, а уништени се над милион хектари. Во пожарите досега загинаа 35 луѓе.
Чадот и огнените јазици се приближија до градовите Сан Франциско, Сиетл и Портланд кои имаат најлош квалитет на воздухот во светот. Огромните облаци на чад го нарушуваат здравјето на милиони луѓе.
На некои места видливоста е помала од 500 метри поради што возењето е опасно, соопшти Националниот метеоролошки сервис.
Американскиот претседател Доналд Трамп во најголем дел избегнува да коментира за пожарите, но за подоцна денеска е планирана посета на Калифорнија каде треба да се информира за состојбата која е најлоша во последниве години. Во минатото тој вината за пожарите ја лоцираше во лошото менаџирање со шумите.
Гувернерката на Орегон, Кејт Браун, не се согласува. Таа во неделата на телевизијата СИ БИ ЕС изјави дека пожарите „се повик за будење за сите нас за да направиме се што можеме за да се справиме со климатските промени.“
Гувернерите на Калифорнија и на Вашингтон се согласуваат со неа.