СКОПЈЕ - Враќање на старата цена на струјата, професионализација на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и „викенд без ДДВ“. Ова се трите барања на лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои ги испорача на денешниот протест, прв во низата кои ги најави партијата против „неправдите на мафијата на Илинденска број 2“како што Мицкоски ја нарекуваше власта во своето обраќање.
„Епа доста му е на овој народ и затоа овој народ од денеска почнува правдата да ја бара овде на улиците. Нема веќе по домовите да седиме, излегуваме на улица. И затоа ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ е народна коалиција, и од сега ќе ја гледате за секоја неправда која му ја нанесувате на овој народ на улица заедно со тој народ, без разлика дали се македонци, албанци, турци, срби, власи, роми, еѓипјани и останати. Ќе го гледате ВМРО-ДПМНЕ и ќе ви биде ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата ноќна мора, се до крајот на вашиот пеколен пад“, рече Мицкоски.
Првото барање на опозицијата е враќањето на цената на струјата пред поскапувањето од 7,5 проценти за кое сметаат дека е можно доколку сенамалина тарифата за универзалниот набдувач. Мицкоски ја обвини и Регулаторната комисија и Владата дека лажаат кога викаат дека се зголемува само цената за ЕЛЕМ и МЕПСО.
„Наместо да му овозможувате вонреден профит на универзалниот снабдувач, намалете го процентот, затоа што кога зборува Заев преку Бислимовски ќе ве убедува дека ја поскапиле цената само за ЕЛЕМ и МЕПСО. Тоа не е точно, не е исто процентот на универзалниот снабдувач да го множите со сто и да го множите со сто и десет. Дополнителни повеќе од милион и 800-ни илјади евра приход за универзалниот снабдувач само за една година, милион и 800-ни илјади евра математички прецизно“, рече Мицкоски пред зградата на РКЕ.
Второто барање е спроведување во дело на викенд без ДДВ кој беше во предизборната програма на владеачката СДСМ.
„ Помина еден викенд, вториот е пред нас, септември има четири викенди, имате време на следната владина едница, наместо да рушите тоа што диво го изградивте, наместо да делите мандатни писма, донесете одлука којашто ќе биде за интересите на овој народ. Викенд без ДДВ тоа го ветивте пред изборите и тоа мора да го испорачате, 18% проценти помали цени преку викенд за граѓаните во Република Македонија“, рече Мицкоски.
Професионализација на Регулаторната комисија, стопирање на партиските вработувања во неа и фер цени за граѓаните е последното барање кое беше испратенот од протестот.
Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, според лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е „слуга на власта“
„Овој е независен регулатор, кој прославува во седиштето на СДСМ, па потоа ја кодоши државата и сопствениот народ во меѓународната заедница. Овојчовек потпиша за зголемување на цената за 7,5 процети и брцна во џебот на народот, тој е слуга на мафијата“,рече тој.
Од владечката СДСМ пак протестот го оценија како дебакл.
„ Лицемерно е човекот кој беше вклучен во стопроцентно зголемување на електричната енергија, кој беше одговорен за укинување на евтината тарифа на струјата и човекот кој доби бизнис со хидроцентрали од владата во кој бил советник, денеска да глуми загриженост за цената на струјата. Тоа граѓаните совршено го знаат, затоа денешниот протест најавен како протест против цената на струјата се претвори во дебакл на обидот на Мицкоски да си ја задржи фотелјата во белиот дворец“, соопштија од партијата.
Протестот против поскапувањето на струјата, под мотото „ Скапа струја, сиромашен народ“, почна пред министерството а правда а заврши пред Регулаторната комисија за енергетика.
Facebook Forum