„Да ви ја честитам независна и суверена Република Македонија“ изјави на 08.09.1991, Киро Глигоров, прв претседател на Македонија.
Многу работи се променија од историскиот 8 Септември 1991-та. 29 години подоцна земјата првпат го прославува Денот на независноста со исполнета една од двете стратешки цели – од март годинава е дел од НАТО.
„Тука сме за да ја поздравиме Северна Македонија со подигањето на државното знаме пред нашето седиште“ изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Патот беше долг и трнлив и мораше да помине преку компромисот за името со Грција. Сега земјата е 30 членка на Алијансата.
Во истиот период кога македонското знаме се подигна пред седиштето на НАТО, од Брисел дојде друга добра вест.
„Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во ЕУ“ изјави Оливер Спасовски, технички премиер (24.03.2020).
Но, чувството е дека граѓаните немаа можност да му се израдуваат ниту на долгоочекуваното членство во НАТО, ниту на одлуката за почеток на преговори со Унијата. Светот го зафати пандемија на корона вирус. Ниту Северна Македонија не беше поштедена.
Првиот и вториот бран на коронавирусот земјата ги дочека со техничка влада која поради пандемијата, наместо 100, траеше 240 дена. Со задоцнување од неколку месеци се одржаа парламентарните избори – 29 годишнината од независноста Северна Македонија ја одбележува со ново-стара влада која има листа приоритети – справување со коронавирусот, економско опоравување, почеток на преговори со ЕУ.
Земјата движејќи се кон 30-тата годишнина од независноста, период кој беше се само не едноставен, ја чекаат сериозни предизвици кои колку и да изгледаат дека се различни од оние на почетокот на 90-тите, сепак имаат доста сличности...
„Да ја оставиме историјата на страна, на Балканот за жал, многу се живее од историјата, а премалку од она што денес, или утре треба да се случи за се приближиме кон Европа“ објаснуваше Киро Глигоров, прв претседател на Македонија.