Организаторите велат дека темата на втората вечер ќе биде „Земја на ветувања“, а меѓу најавените говорници се и државниот секретар Мајк Помпео, сенаторот Ранд Пол, гувернерот на Ајова Ким Рејнолдс и две од децата на претседателот – Ерик и Тифани.
Конвенцијата започна во понеделникот вечерта кога Трамп порача дека бранењето на начинот на кој тој се справи со пандемијата на коронавирус и на економската криза која произлезе од неа ќе бидат клучни за освојување на втор мандат.
Трамп беше прикажан како се поздравува со здравствени работници во Белата Куќа кои, спротивно од мислењата на многу Американци, го пофалија начинот на кој тој се справува со пандемијата.
„Вие сте неверојатни луѓе“ им рече Трамп на неколку здравствени работници и двајца излекувани од Ковид-19, болеста која уби 177 илјади луѓе во САД, најмногу во светот, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс.
„Мора да го истребиме овој кинески вирус“ рече Трамп. Никој од групата не носеше заштитна маска или применуваше социјално дистанцирање како што препорачуваат здравствените власти.
Потоа претседателот се поздрави со неколкумина кои биле држени во затвор во странство а кои биле ослободени поради дипломатските напори од страна на администрацијата на Трамп.
Мишел Вајт која две години била држена во Иран му кажа на Трамп „Вие успеавте да ме извадите од тој затвор, тоа е неверојатно“.
Демократите пуштија рекламен спот во кој ја исмеваат републиканската конвенција.
„Добредојдовте на Републиканскиот национален хаос“ се вели во рекламата од 30 секунди на која е прикажан центарот на Шарлот. „Бидејќи Трамп на Ковид-19 одговори со некомпетентност која уништува работни места и со смртоносно погрешно менаџирање, учениците и наставниците се препуштени самите на себе, невработените се без помош, бабите и дедовците се оставени да умрат сами, а економијата се урива“ се вели во рекламата.
Минатата недела, за време на Демократската конвенција, Републиканците организираа свои контра настани.
Повеќе Републиканци, кои во најголем дел зборуваа од празна сала која се наоѓа во близина на Белата Куќа, го фалеа Трамп и повикаа за негов реизбор.
Неговиот најстар син, Доналд Трамп Помладиот, го опиша демократскиот противник на својот татко, поранешниот потпретседател Џо Бајден како „чудовиштето од Лох Нес од мочуриште“ кое претставува закана за американската демократија.
Помладиот Трамп Демократската Партија ја нарече партија на „нереди, грабежи и вандализам“ за време на протестите за расна еднаквост кои избувнаа во САД.
Четирите дена од Републиканската конвенција се клучни за претседателот Трамп и претставуваат шанса преку прекумерно присуство на телевизија да убеди доволно американски гласачи дека заслужува уште еден четири годишен мандат.
Националните анкети често покажуваат дека гласачи не се задоволни од неговото работење во изминатите три и пол години.
Трамп има 10 недели за да ги убеди гласачите, пред одржувањето на изборите.
Бајден во просек води за 7.6 процентни поени, покажува збирот од анкетни резултати на интернет сајтот „Вистински и јасни политики“.
Сепак, предноста на Бајден е мала во неколку клучни држави кои може да бидат пресудни за одредување на победникот.
Досега само двајца американски претседатели ги имаат изгубено изборите во обид да добијат втор мандат.