Линкови за пристапност

Познат составот на новата Влада, СДСМ и ДУИ ги соопштија кандидатите за министри


Кај ДУИ според најавеното и очекуваното. СДСМ со мали изненадувања и рокади во последен момент при изборот на кадри за идни министри. Манчевски отпадна а пет нови имиња кои беа пратеници или извршуваа високи функции во партијата се најдоа на списокот на идни министри

СКОПЈЕ - Новиот состав на Владата ја доби формата откако коалициските партнерки СДСМ и ДУИ и официјално ги сооптија имињата кои се нивни предлози за министерствките функции. Речиси без изненадувања, барем кога станува збор за ДУИ, со мали измени кај СДСМ каде некои доскорешни функционери нема да се најдат во новиот состав иако нивните имиња долго време кружеа во јавноста како силни кандидати и фаворити за министерски позиции.

По седницата на Извршниот одбор на СДСМ отпаднаа две имиња кои долго време кружеа во јавноста како идни членови на Кабинетот на премиерот Зоран Заев. Тоа се Зоран Китанов за кого се тврдеше дека ќе го води ресорот транспорт и врски и досегашниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски. На седницата на Извршниот одбор беа испеглани и разликите со помалите партии од коалицијата „Можеме“.

Списокот со предложените кадри беше доставен до Централниот одбор кој заседаваше во хотелот „Холидеј Ин“ каде беше усвоен.

Во Кабинетот на Заев ќе има пет нови имиња кои претходниот мандат беа пратеници или пак извршуваа високи партиски функции.

„ Ќе инсистирам на транспарентност и конкретна одговорност. Следува прочисување на судството и проверка на потеклото на имотот на функционерите. Во следните четири години ќе гледаме како земјата се транформира. Како земја многу повеќе ќе добиваме отколку што ќе даваме“, изјави Заев по состанокот.

Оливер Спасовски, од Илинденска се враќа на Димче Мирчев и повторно ќе го води МВР. Радмила Шеќеринска останува во одбрана додека шефот на дипломатијата, Никола Димитров, сега ќе го води Секретарјатот за Европска прашања. Очекувано Венко Филипче останува министер за здравство а изненадување е именувањето на Бојан Маричиќ за министер за правда. Мила Царовска ќе го води министерството за образование а труд и социјала Јагода Шахпаска. Ирена Стефковска ќе биде министер за култура а досегашниот градоначалник на Штип, Благој Бочварски ќе седне во фотељата на министерството за транспорт и врски. Лидерот на ЛДП Горан Милевски, за кого беше неизвесно до последен момент, останува министер за локална самоуправа. Двајцата вицепремиери од редовите на СДСМ се Фатмир Битиќи за економија и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, кој ќе биде вицепремиер за инспекциски служби и борба против корупцијата.

Претходно ДУИ ги соопшти имињата на пет од шестте министри во идниот кабинет. Останува дополнително да се одлучи дали Ширет Елези ќе го води министерството за информатичко оптество и администрација.

Фатмир Бесими е новиот министер за финансии, Бујар Османи е шеф на дипломатијата а Артан Груби е прв вицепремиер и министер за политички систем. Крешник Бектеши останува во економија како и Насер Нуредини кој ќе продолжи да го води министерството за животна средина.

Лидерот на партијата, Али Ахмети, изјави дека со функциите во новата влада испраќаат порака за заедничка држава и порака за рамноправност.

„Ние воспоставивме партнерство и последователно ова влада ќе се кораководи од премиерот и првиот вицепремиер и истовремено и министер за политички систем преку консенсуалното одлучување како начело на ковладеењето. За прв пат во државата ќе се промовира и ќе се врши функцијата прв вицепремиер и ова личност ќе биде еден од нас“, изјави Ахмети.

Иако не е најавено се оечкува утре да продолжи конститувната седница на Собранието и Талат Џафери да се реизбере за спикер а во наредните денови пред пратениците да биде претставен предлогот за нов состав на Владата кој треба да се гласа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG