Линкови за пристапност

Зголеменото гласање по пошта ќе доведе до масовни изборни злоупотреби, смета Трамп


Преговорите на Белата куќа со демократските законодавци вклучуваа дискусија и за финансирање на Поштенските служби, заедно со пакетот за справување со последиците од пандемијата

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека е против барањата на демократите за милијарди долари, како нов трошок за Поштенски служби на САД. Претседателот верува дека зголеменото гласање по пошта ќе доведе до масовни изборни злоупотреби.

Во изјава за „Фокс бизнис нетворк“, Трамп рече:

„Сега им требаат тие пари да го обезбедат функционирањето на поштите, и ќе ги земат сите тие милиони и милиони гласачки ливчиња. Но, ако не ги добијат тие две работи, нема да може да има универзално гласање по пошта, бидејќи службите не се опремени за тоа“.

Претседателот додаде дека тие две работи всушност се 25 милијарди долари за поштенските служби, и 3,5 милијарди за гласање по пошта.

„Ако не направиме договор, тоа значи дека нема да можат да ги добијат парите, а тоа значи дека нема да може да има универзално гласање по пошта. Едноставно нема да се случи“, изјави тој.

Преговорите на Белата куќа со демократските законодавци вклучуваа дискусија и за финансирање на Поштенските служби, заедно со пакетот за справување со последиците од пандемијата.

Преговорите пред една недела не успеаја, а неуспешен беше и вчерашниот обид за нивно продолжување.

Претседателот изрази загриженост за гласање по пошта и во март, велејќи дека тоа ќе доведе до повеќе гласови за демократите.

„Ако се согласите да го направите тоа, никогаш не би имале избран републиканец во оваа држава“, рече Трамп.

Пет од 50 сојузни држави во САД веќе ги организираат изборите со речиси целосно гласање по пошта.

Демократите пак, го обвинуваат Трамп за обиди да ја спречи новата финансиска помош за поштите.

Демократскиот сенатор Крис Кунс, за Ем-ес-ен-би-си, изјави дека е многу загржен за „неодамнешните промени во лидерството на Поштенски служби, што ги видовме од генералниот директор, кој ќе ве потсетам дека е голем придонесувач за кампањата на Трамп“.

Генералниот директор на Поштенски служби на САД Луј Деџој, кој донирал 2,7 милиони долари за Трамп и други републиканци од 2017 година, побара кратење на надместот за прекувремено работење на поштенските работници, со цел да ги намали финансиските загуби на агенцијата.

Гласањето по пошта доведе до одложени резултати во бројни сојузни држави за време на републиканските и демократските примарни избори годинава, понекогаш оставајќи сомнеж за резултатите со недели.

Бројни политички аналитичари предупредуваат дека резултатите од генералните претседателски избори во ноември би можеле да бидат одложени многу по изборниот ден, со можност ситуацијата да биде неизвесна со денови или недели.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG