Линкови за пристапност

ВМРО - ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот Стево Пендаровски


Опозицијата обвини, претседателот Пендаровски го прекрши Уставот со доделување на мандатот на Заев. За Мицкоски сите опции не се исцрпени па ни нови парламентарни избори. Претседателот цврсто на ставот дека Уставот е испочитуван а ако Заев не направи влада, ќе му го понуди мандатот на Мицкоски

СКОПЈЕ -Најголемата опозициска партија ВМРО - ДПМНЕ ги прекина односите и комуникацијата со претседателот Стево Пендаровски, откако тој денеска му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање на Влада без доказ за мнозинство од 61 пратеник во Парламентот.

Делегација на партијата, на невообичаен начин, преку прес конференција иницираше итна средба со претседателот Пендаровски во „Вила Водно“ која траеше нешто повеќе од еден час, но без никаков резултат или напредок. Двете страни останаа цврсто на своите ставови.

„ВМРО ДПМНЕ на денешната координација донесе заклучок од овој момент да ги замрзне односите и комуникацијата со господинот Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кои ќе ги води во однос Кабинетот на господинот Стево Пендаровски“, изјави лидерот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој изјави дека претседателот Пендаровски делувал спротивно на сите негови досегашни најави и изјави околку доделувањето на мандат за формирање на Влада.

„Претседателот Пендаровски изјави дека ќе го додели мандатот откако ќе добие уверување дека е формирано парламентарно мнозиство. Во друга изјава кажа дека ќе ги повика лидерите на партиите кои беа кандидати за мандатар на средба. Рече дека нема да даде мандат на лица кои имале афери ниту пак ќе поддржи лица со афери да бидат дел од идната Влада. Тој сето тоа го поби откако му го даде мандатот на Заев кој во овој момент нема парламентарно мнозинтсво.Тој
ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата Претседател“, изјави Мицкоски по средбата.

Според Мицкоски станува збор за вешто подготвена претстава со цел да се купи време за Заев за да може евентуално да договори мнозинство од 61 пратеник во Парламентот.

„Зошто се брза да се додели мандатот на пратеник кој не уверува дека ќе работи на создавање на парламентарно мнозинство. Па може и господинот Мендух Тачи ќе не увери дека ќе работи на создавање на мнозинство. На сите ќе го даваме мандатот“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека доколку Заев не успее да договори мнозинство, тој нема да го подигне мандатот кој евентуално би му го доверил претседателот Пендаровски, доколку ја нема поддршката од 61 пратеник и не исклучува нови парламентарни избори но вели дека сите опции не се исцрпени.

„Доколку во тој момент не успеам да обезбедам 61 пратеник во Парламентот, нема да го подигнам мандатот. Ако нема мнозинство во Парламентот и нови парламентарни избори се опција. Повторно ќе кажам, сите опциии не се исцрпени. Да ги исцрпиме па потоа да зборуваме за нови парламентарни избори“, потенцираше тој.

Околку дилемата дали е конституирано Собранието или не и паралелата со идентичниата ситуација во 2006 и 2016 година Мицкоски не даде коментар и кусо кажа дека се концентраираат на сегашната ситуација и фактот дека претседавачот Талат Џафери го нема известено претседателот Пендаровски дека Собранието е конституирано.

Од друга страна пак, претседателот Стево Пендаровски, остана на ставот дека не го крши Уставот со тоа што му го додели мандатот на Заев иако тој сеуште ја нема поддршката од 61 пратеник. Околу одлуката на ВМРО - ДПМНЕ да ги замрзне односите тој кажа дека негова проценка е оти овој потег е испровоциран од некои внатрешно – партиски причини.

„Нека постапат како сакаат, ова е демократија. Но ако за 20 дена Заев не направи влада ве уверувам дека Мицкоски на истекот од тој рок, ќе дојде од сабајле овде во оваа институција да го бара мандатот иако односите му се замрзнати“, рече Пендаровски и додаде дека никој освен Заев до денес не му се јавил да му каже дека работи на формирање мнозинство, а тој е должен да го даде мандатот на 10 ден од конституирањето на Собранието.

„До овој момент 61 пратеник нема ниту една политичка страна, ниту еден политички субјект од оние кои влегоа во новиот парламент меѓутоа господинот Заев се јави во текот на вчерашниот ден и рече дека во преговорите со повеќе политички партии кои се со свои пратеници во Собранието е на добар пат да обезбеди мнозинство“, рече Пендаровски појаснувајќи го неговиот одговор на прашањата од Мицковски и Силјановска за тоа дали и на кој начин бил уверен од Заев дека има мнозинство.

Според Пендаровски, не е негова должност да утврдува мнозинство кога го доделува мандатот туку тоа се утврдува на денот на гласањето во Собрание на новата влада. Тој не барал гаранции за претпоставеното мнозинство на Заев бидејќи тоа не е пракса, а потегот на неговиот претходник Ѓорге Иванов во случајот со мандатот на Заев е исклучок.

„Моетое да го дадам мандатот од 20 дена. Тој што тврди дека има мнозинство или дека ќе направи мнозинство, да покаже дека има мнозинство во Собрание, ако не, го враќа назад мандатот и одиме со втората партија која има најмногу мандати-а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Пендаровски.

За можноста за распуштање на Собранието и нови парламентарни избори претседателот Пендаровски кажа дека според Уставот тоа е можно само со гласовите на 61 пратеник и не постои друг начин.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG