Поради тесните резултати од предвремените парламентарни избори, ќе биде многу тешко да се создаде трајно и стабилно парламентарно мнозинство, а со тоа и и стабилна Влада, вели за Гласот на Америка, аналитичарот, Петар Арсовски. Според него најголемиот дел од комбинаториките кои се сега во игра се со 61 или 62 пратеника.
„Двајца пратеници ако ви се разболат вие веќе немате мнозинство. И тоа е нестабилна комбинација. Другите комбинации или подразбираат премногу шаренолики партии во коалициите, што е исто така нестабилна комбинација или пребегување на пратеници од други партии, што ќе претставува идеолошки комплицирана ситуација во наредните години“, вели аналитичарот Петар Арсовски.
Има неколку сценарија, но е малку веројатно, Влада со заедничко учество на двете најголеми албански партии, додека пак широка владина коалиција, тешко би функциониралa, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
„Со оглед на моменталните околности,процесот на формирање Влада, веројатно ќе заврши со коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ или Алијанса за Албанците. Една од тие две големи партии би влегла во таа владина коалиција, се разбира со учество на некои помали партии, пред се ДПА и евентуално некој независен пратеник“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Имајки го во предвид нивото на тензии меѓу партиите и пинг понг пораките кои си ги праќаат не треба да се исклучи и опцијата ниту една партија да не состави мнозинство во собранието и со тоа да се оди повторно на избори. Но во тој случај во залог би се ставила држаата вели Арсовски.
„На крајот во залог е дали Македонија ќе конституира Влада или не. Или доколку тоа не успее ќе се оди на нови парламентарни избори што би ја пролонгирало вкупната криза и би го зголемило периодот на неизвесност. Така да тоа е залогот. Реституцијата на институциите и политичката стабилност во наредниот период“, вели Арсовски.
Трошановски пак смета дека новата Влада, каква и да е треба да го избутка целиот мандат, бидејки големите прашања биле затворени.
„Пред нас се реформи кои се во линија на преговарачката рамка и евроинтеграцискиот процес.И мислам дека оваа Влада мора и треба да остане до крај и да го истера целиот овој мандат.Потребни ни се најмалку од се повтoрно предвремени избори и дисконтинуитет во процесот на преговори кои не очекуваат“, вели Трошановски.
Инаку преговорите за нова Влада помеѓу партиите се одвиваат далеку од очите на јавноста. Но се очекува многу брзо, партијата која би обезбедила мнозинство во собранието, да го извести претседателот Пендаровски, кој според законот треба да го додели мандатот за состав на идната Влада.