Линкови за пристапност

Нова средба Заев - Ахмети, нема договор за парламентарно мнозинство


Лидерите на СДСМ и ДУИ, попладнево, без претходна најава, се сретнаа во Собранието но и по разговорите кои траеа повеќе од еден час не беше постигнат договор формирање на Влада. Рокот истекува во четврток на полноќ кога според Уставот, претседателот Пендаровски, треба да го додели мандатот

СКОПЈЕ - Без најава, но со причина, лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, денеска одржаа средба во рамките на преговорите за созадавање на мнозинство во Парламентот и коалицирање во идната Влада. Договор не е постигнат а двајцата лидери не соопштија што е пречката во преговорите и по оваа средба не си подадоа рака.

Заев, по средбата изјави дека преговорите ќе продолжат во наредните денови

„ Жалам што не можеме денеска да соопштиме дека има договор помеѓу двете страни со коишто разговаравме. Логично разговорите ќе продолжат следните денови и верувам штом имаме каков било исчекор којшто ќе можеме да го споделиме со граѓаните веднаш тоа ќе го направиме преку вас медиумите“, изјави Заев по средбата.

Тој уште една потврди дека поканата за средба со лидерите на сите парламентарни партии од албанскиот политички блок која денеска ја испрати Ахмети и додаде дека ако поводот е потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор тогаш таму треба да бидат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„ Дали повикот на ДУИ да се сретне со сите политички партии на темата претседател на Владата на предлог на ДУИ, да, го чувствувам како притисок. Понатаму нема да разговарам, сакам да дадам шанса на разговорите, нормално е заради тоа што може и сите политички партии кои се претставници на неалбанските граѓани во државата, од неалбанската етничка заедница, значи може и тие да се соберат. Ако е поводот Охридскиот рамковен договор и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат таму“, рече Заев.

Ахмети пак потенцираше дека колку се блиску до договор со СДСМ толку се и далеку, додаде декаќе бара поддршка од албанските партии за идејата премиер на државата да биде Албанец и не одговори дали ДУИ би прифатила Македонецда седне во премиерскиот кабинет. Ахмети кажа дека за преговорите со СДСМ го известил и Мицкоски кој му посакал успех.

„Јас сметам дека колку што сме блиску, толку сме и далеку од договор. Сепак, сите страни мора да ги имаат во предвид големите интереси на државата. Јас никогаш не правам тајни средби, како што не сум правел ниту со СДСМ, ниту со ВМРОДПМНЕ. Јас го информирав господинот Мицкоски дека започнав преговори меѓу ДУИ како добитник на овие избори и СДСМ како победник за да не створат лажно мислење и претстава, туку да знаат дека ние правиме напори за да постигнеме договор, без да го имаме епилогот од преговорите. Господинот Мицкоски беше прагматичен и посака успех во разговорите, без разлика на епилогот од овие разговори, би сакале да продолжиме со комуникацијата со партиите како претходно“, изјави Ахмети.

СДСМ претходно, како и во изминатите денови, и денеска преку соопштение информираше дека ги продолжуваат, како што наведоа, сериозните разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и за владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. Новата влада, велат, ќе работи на уште поголема грижа за сите, на јакнење на економскиот стандард, на прочистување на правосудството и обезбедување силна правна држава и владеење на правото.

По предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, минатиот вторник се конституираше новиот парламентарен состав и почна да тече 10 дневниот рок за формирање парламентарно мнозинство,кој истекува во четврток на полноќ, по што претседателот на Стево Пендаровски треба да го додели мандатот за формирање Влада. Мандатарот пак има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието да му поднесе програма и состав на идниот владин кабинет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG