Главниот правобранител на државата Њујорк поднесе тужба против Националната асоцијација за оружје со која бараа ова моќна организација која го промовира оружјето да биде распуштена и обвинувајќи го раководството дека илегално пренасочувало финансии за сопствена корист.
Главната правобранителка Лететиа Џејмс вели дека раководството на организацијата користело донации од членовите за сопствена корист и злоупотребило 64 милиони долари во период од три години преку доделување на тендери на блиски соработници и членови на семејствата и преку договори со поранешни вработени со кои се плаќале нивното молчење и лојалност.
Таа цитираше промена на финансиите на организацијата, од вишок од речиси 28 милиони долари во 2015-та до дефицит од 36 милиони во 2018-та.
Како одговор на ова Националната асоцијација за оружје поднесе тужба за Џејмс во која вели дека правобранителката го прекршила правото на слободен говор на организацијата. Со тужбата исто така се бара блокирање на истрагата.
Џејмс во тужбата тврди дека четворица осомничени – потпретседателот и главен извршен директор Вејн ла Пјер, поранешниот благајник и главен финансиски директор Вилсон Вуди Филипс, поранешниот шеф на персонал и оперативен директор Џошуа Пауел и главниот советник Џон Фрејзер „воспоставиле култура на лошо менаџирање и немарен надзор врз организацијата кој е нелегален, опресивен и измамнички.“
„Влијанието на организацијата беше толку големо што таа со децении не била проверувана додека главните управители испумпале милиони во сопствените џебови“ вели Џејмс која е демократ. Таа вели дека организацијата е преплавена со измами и злоупотреби поради што бара нејзино распуштање, зашто „ниту една организација не е над законот“.
Претседателката на организацијата, Керолин Медоус, вели дека Џејмс е „политичка опортунистка“ која сака да се одмазди преку напад врз правата на членовите загарантирани со Вториот амандман.
„Нашите членови нема да бидат заплашени во нивните намери за бранење на политичките и уставните слободи. Како што може да се види од нашата тужба, ние не само што нема да се повлечеме од оваа борба туку и ќе се спротивставиме и ќе преовладиме“ напиша таа на Твитер.
Националната асоцијација за оружје е најголемата и најмоќна организација која се залага за правото на поседување на оружје во САД. Групата, во која членуваат милиони сопственици на оружје, се спротивставува на какво било регулирање на пазарот на оружје. Таа исто така е и голем донатор на политичките кампањи.
Во 2016-та потроши 30.3 милиони долари за да го поддржи Доналд Трамп во претседателската кампања, покажува извештај на Центарот за одговорни политики, група која ги следи трошењата на кампањите.
Претседателот Доналд Трамп кој даде изјава за новинарите во четвртокот рече дека тужбата е „многу ужасна работа“ и предложи организацијата да се префрли во Тексас каде би имала „многу добар и убав живот.“
Доналд Трамп Помладиот и Ерик Трамп, синови на претседателот, се членови на организацијата.
Иако главното седиште на Националната асоцијација за оружје е во Вирџинија, таа е регистрирана во Њујорк во 1871-та година каде се уште води како непрофитна организација.
Во меѓувреме, во Вашингтон, главниот правобранител поднесе тужба против Фондацијата на Националната федерација за оружје, добротворниот оддел во рамки на организацијата кој финансира програми за безбедност при користењето на оружје и одење на лов. Во неа таа се обвинува за пренасочување на средства кон Националната федерација за оружје за да помогне во плаќањето на големите расходи што ги прават главните управители.