Линкови за пристапност

Лансиран роверот „Истрајност“ – во февруари треба да слета на Марс


НАСА успешно го лансираше роверот „Истрајност“ кој треба да слета на Марс на 18 февруари 2021-та година.

Ракетата „Атлас 5“ која го носи досега најсовремениот ровер полета во 7 часот и 50 минути по локално време од Кејп Канаверал на Флорида.

Целта на мисијата која чини 2.4 милијарди долари е да бара траги од некогашен живот на црвената планета.

Роботизираниот ровер е со големина на автомобил и има шест тркала. Дел од мисијата е мини хеликоптер тежок 1.8 килограми кој треба да го изведе првиот лет со погон во атмосферата на друга планета.

„Истрајност“ треба да спроведе експеримент на претворање на јаглерод – диоксид од атмосферата на Марс во погонско гориво кое би се користело за идни лансирања на ракети од површината на планетата, како и да произведе кислород кој би го користеле идни астронаути.


Мисијата на НАСА е трето лансирање овој месец чија крајна цел е црвената планета. Претходно свои летала испратија и Обединетите Арапски Емирати и Кина.

Орбитите на Земјата и на Марс се приближуваат на секои две години, во овој период кој трае околу еден месец е најисплатливо и најлесно да се стигне до таму.

Првиот ровер на НАСА слета на Марс во 1997-та. Оттогаш се испратени уште два ровери и три лендери.

Соединетите Држави планираат да испратат астронаути на Марс во 2030-тите во програма која предвидува првично враќање на Месечината како тест база за идните, поамбициозни мисии.

XS
SM
MD
LG