Линкови за пристапност

Долготрајниот ангажман со Кина веќе не функционира, вели Помпео


Тој сугерираше дека можеби е време за прегрупирање на државите кои имаат исто мислење во однос на Кина.

Речиси 50-годишното ангажирање со Кина веќе не функционира и е потребен поинаков, построг приод, рече државниот секретар на САД Мајк Помпео во четвртокот во Јорба Линда, Калифорнија. Помпео зборуваше во Фондацијата Никсон, именувана по претседателот Ричард Никсон чија историска посета на Пекинг во 1972 и средбите со претседателот Мао Цетунг и премиерот Жу Енлаи кои помогнаа Кина да се доведе во таканареченото семејство на нации.

„Видот на ангажманот што ние го водевме не доведе до промени внатре во Кина како што се надеваше да претстави претседателот Никсон “, рече Помпео.

Тој рече дека Пекинг повеќе добил отколку САД во тој ангажман и дека Кина „ја касна меѓународната рака што ја хранеше“.

Говорот на Помпео во четвртокот беше четврти во серијата говори на претставници на администрацијата со цел да се објасни она што Помпео го нарекува американски релации со Кина и нерамнотежа во тој однос.

Претходно, советникот за национална безбедност Роберт О`Браен зборуваше за американските напори да го направат поумерен кинескиот политички систем; Директорот на ФБИ Кристофер Реј зборуваше за економската шпионажа и кражба на интелектуална сопственост, и генералниот правобранител Вилијам Бар зборуваше за кинескиот „економски блицкриг“ да ги заменат САД во светот како единствена суперсила.

Помпео потсети дека Никсон има речено оти се плаши дека тој креирал „Франкенштајн“ со Кина, и „еве каде стигнавме“, рече највисокиот американски дипломат.

Помпео исто така рече дека кинескиот претседател Ши Џинпинг е „вистински посветен на банкротираната тоталитарна идеологија“. Тој кажа дека Кина го експлоатирала слободното и отворено општество на САД, со испраќање на, како што рече, пропагандисти во американските колеџи, истражувачки центри и на прес конференции.

Тој рече дека Кина на специјалниот економски третман одговорила со молк во однос на прекршувањата на човекови права и крадењето на интелектуална сопственост, чинејќи ги САД работни места.

Во вторникот Вашингтон нареди затворање на конзулатот во Хјустон, Тексас, „за да се заштити американската интелектуална сопственост и приватните информации на Американците“.

Одговорот на Кина беше во наредба од петокот за затворање на конзулатот на САД во западниот град Шенгду.

„Што и да е причината, Кина денеска е се` повеќе авторитарна дома, и поагресивна во непријателствата кон слободата во странство... Преетседателот Трамп кажа - што е доста, доста е“, рече Помпео.

Државниот секретар ги повика другите нации да бидат покреативни и настојчиви во предизвикување промени во Кина, велејќи дека Кина е закана за луѓето и просперитетот на тие нации.

Кина не може да биде третирана како „нормална, нација што го почитува правото“, рече Помпео, бидејќи ги смета меѓународните договори како начин да дојде до глобална доминација.

Тој рече дека Западот и другите не можат повеќе да дозволуваат Кина да ги диктира условите на ангажман, нагласувајќи дека на Кина повеќе и` требаат САД, отколку што на САД им треба Кина.

Тој сугерираше дека можеби е време за прегрупирање на државите кои имаат исто мислење во однос на Кина.

XS
SM
MD
LG