Линкови за пристапност

Заврши првиот ден од изборниот процес - гласаа 723 лица


Денеска гласаа лицата заболени од Ковид-19 и оние кои се во изолација а кои се пријавија дека сакаат да го остварат своето право на глас. Утре ќе гласаат болните, изнемоштените и осудениците. Резултатите од гласањето денес и утре ќе се соопштат по завршувањето на изборниот процес во среда

СКОПЈЕ -723 граѓани кои се болни од коронавирус или во изолација денеска го остварија своето право на глас со што заврши првиот ден од изборниот процес на десетите парламентарни избори. ОдДржавната изборна комисија (ДИК) соопштија дека гласачкиот процес се одвивал без проблеми а разликата во бројките на лицата кои требаше да гласаат и кои гласале се долѓи на фактот што во текот на денот биле прифатени приговори.

„Требаше да гласаат 759 а гласаа 723 граѓани. Разликата што се јавува во бројките кои ги соопштивме утринава и во текот на вчерашниот ден е од причини што во меѓувреме ние како комисија одлучувавме и прифативме некои приговори на граѓани или Општинските комисии прифатиле апликации за регистрирање на гласачи“, објасни Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Според протоколот за гласање, мобилните избирачки одбори во кои имаше и здравстевни работници одеа во домовите на лицата кои се во изолација или позитивни на Ковид -19. Гласачките ливчиња, во пликоа, беа ствени во гласачките кутии и ќе бидат отворени по завршувањето на изборите во среда во 21 часот. Затоа денеска и утре ДИК нема да излезе со резултати од гласањето туку само со бројката на лица кои гласале.

Претседателот на ДИК, Дерковски, им се заблагодари на медиумите и на посетните избирачки тимови.

„Сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во овој прв дел. Се одвиваше во исклучителни тешки услови за организација и спроведување на самиот чин на гласање. Посетните избирачки одбори беа на висина на задачата. Благодарност до медиумите и вистинската порака која што је пренесовте до граѓаните дека ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на гласачи. Ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат, и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни“, изјави Дерковски.

Утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8.852, 1.657 осуденици во Казнено-поправни установи и шест внатрешнораселени лица. Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.

Во среда, на 15 јули,гласањето ќе започне од 7 часо и ќе трае до 21 часот. Право на глас имаат 1.814.263 лица. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места во шесте изборни единици во земјата. Граѓаните ќе може да се изјаснат за 1.578 кандидати на 15 партии и коалиции.

За прв пат во државата поради актуелната состојба со Ковид - 19, гласањето на изборите ќе се одвива три дена и тоа во работни денови.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG