Линкови за пристапност

Комисијата утре ќе пресече дали повторно се затвара границата кон Србија и Косово


Петнаесет пациенти ја загубија битката со коронавирусот во последното деноноќие. Во државата има над 3.500 заболени и речиси 6.500 луѓе во изолација. Болниците продолжуваат да се полнат

СКОПЈЕ - Комисијата за заразни болести утре треба да донесе одлука дали ќе се затвори северната граница и ќе се спуштат рампите на граничните премини кон Косово и Србија по наглото ширење на епидемијата на коронавирусот и заголемувањето на бројот на заболени и жртви во овие две држави . Одлуката на Комисијата ќе биде доставена како препорака до Владата која го има конечниот збор и ќе донесе одлука на следната седница која треба да се одржи утре.

„Со оглед на развојот на ситуацијата со корона вирусот во соседството, Комисијата за заразни болести на утрешниот состанок ќе разговара за евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји.Комисијата за заразни болести активно ја следи епидемиолошката состојба со корона вирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Северна Македонија“, соопштија од министерството за здравство.

Во последното деноноќие е регистриран најголемиот број на починати лица од почетокот на епидемијата на коронавирусот во Македонија. Петнаесет пациенти ја загубија битката со вирусот а вкупната бројка на починати се искачи на 321.

Во последните 24 часа се регистрирани 173 новозаболени од Ковид-19 и во моментов во државата има 3.556 активни случаи.

Најголемо жариште е Скопје каде има 2.010 заболени а критична е општината Чаир со 422 активни случаи. Троцифрен број на заболени има во уште осум скопски општини и тоа Гази Баба со 177 заболени, Бутел - 162, Карпош – 160, Сарај – 155, Аеродром - 154, Центар – 141, Кисела Вода – 114 и Ѓорче Петров каде има 110 активни случаи.

По Скопје, најголем број на заболени има во Тетово - 389 и Куманово - 219. Бројката на заолбени продолѓува да расте во Охрид - 151, во Струга - 145 и во ресен каде сега има 97 заболени. Во Штип, каде вирусот се рашири меѓу вработените во текстилната индустрија, бројката секојдневно се намалува и денеска има 161 активен случај.

Само во три града во државата нема активни случаи во моментов - Виница, Делчев и Радовиш.

Притисокот врз здравствените систем продолжува. Болниците се полнат, здравствените работници се исцрпени од четиримесечното деноноќно работење. Се почести се случаите кога заболените во последен момент бараат лекарска помош и се хоспитализираат во тешка состојба или терминална фаза.

„На инфективната клиника се хоспитализирани 90 пациенти од кои 44 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле се хоспитализирани 26 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и 6 деца позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 123 пациенти а на респираторна машина се 8 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 36 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 87 пациенти - позитивни и сомнителни на ковид-19“, инфромираат надлежните.

Според последните податоци на МВР во моментов во изолација се 6.394 граѓани. Најголем број се во Скопје - 1.277 лица а потоа е Тетово со 897 лица во изолација. Градови со поголем број на жители во изолација се Штип со 188 граѓани во изолација, во Куманово се 175, во Ресен 173, во Охрид - 166, во Струга - 143, во Гостивар - 123 и во Прилеп каде во моментов 112 лица се во изолација.

Владата минатата недела го укина задолжителниот ПЦР тест при враќање во државата како и задолжителниот двонеделен карантин.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG