Линкови за пристапност

СЈО и официјално е историја, на сила новиот закон за Јавно обвинителство


Приказната која требаше да има среќен крај разочара многумина во државата. Само грст пресуди и ниту еден обвинет кој издржува затворска казна. Опструкции и мачни партиски преговори и агенди го следеа мандатот на СЈО.Предметите на СЈО се живи и ќе бидат завршени уверува републичкиот обвинител Јовески

СКОПЈЕ - Специјалното јавно обвинителство од денеска веќе и официјално не постои. Во зградата на улицата Рузвелтова ќе остане само обезбедувањето да ги чува стотиците кластери со докази, документи и записници од истрагоите кои ги отвори и водеше ова обвинителство. Од денеска на сила е новиот Закон за јавно обвинителство, закон за кој со месеци двете најголеми политичи партии преговараа и кршеа копја а Брисел упорено притискаше наметнувајќи го како услов за продолжување на процесот за прием во Унијата.

СЈО, „Чарлиевите ангели“, пресовите, т.н. „бомби“ и истрагите на буквата „Т“ веќе се минато и историја. СЈО беше формирано за да се справи со организираниот криминал во државата и да расветлни многу матни настани и случувања во периодот од 2005 до 2015 година. Голем дел од граѓаните го гледаа СЈО како излез од селективната правда и корупцијата во правосудниот систем. Голем дел од граѓаните се надеваа дека СЈО ќе му стави крај на организираниот криминал и корупција во државата и ќе го постави системот на цврсти и здрави нозе.

„29.06.2020 година, последниот работен ден на СЈО. Горчливо сладок ден.. Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија... За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за борба за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет“, напиша обвинителката Ленче Ристоска на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Почетоците ветуваа... Прислушуваните разговори беа и докази и индиции за сторен криминал. Нов начин на истраги, обвинители со сопствен тим од истражители и помошници, траснпарентност во работата, редовни прес конференции на кои јавноста се брифираше за работата на Обвинителството.

Се отворија првите истраги каде осомничени беа високи функцнионери и членови на опозициската ВМРО - ДПМНЕ. Осомничените почнаа се викаат на распит. Многумина „недопирливи“ сега беа на тапет .За прв пат моќниците беа прикажани во јавноста во друго светло. Екс премиерот а сега бегалец Никола Груевски,Сашо Мијалков, шеф на тајната полиција, бизнисменот Орце Камчев, нивниот пријател Жарко Луковски, и десетици други високи партиски и владини функционери секојдневно велгуваа и излегуваа од зградата на „Рузвелтова“.

Веднаш паднаа и првите обвинувања за опструкции од една страна и за реваншизам, селективна правда и партиски инструкции од друга страна. За едните СЈО беше симбол на борбата за другитемаша во рацете на премиерот Заев.

СЈО успеа да истурка 17 истраги до обвинителен акт кои на последниот ден од рокот во јуни 2017 година ги достави до Кривичниот суд. До згаснувањето беа подигнати вкупно 22 обвиненија и отворени стотина истраги.

Судските процеси беа бавни и траеа со месеци и години. На прсти од една рака можат да се избројат пресудите а некои од нив во меѓувреме паднаа. Ниту еден не заврши во затвор.

„Ниту животот застанува, ниту борбата за правда ќе запре.Новите одредби се нова законска рамка што им дава и можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Начините за нивно користење зависат од обвинителите“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Крајот на СЈО дојде побрзо од очекуваното, а падот на шефот Катица Јанева затекна многумина. Јанева заврши во затвор со седумгодишна казна пред речиси сите за кои отвори и водеше истраги.

Судските процеси и истрагите на СЈО со месеци не се помрднати од мртва точка. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески е убеден дека предметите на СЈО ќе добијат судска завршница а сторителите на кривчни дела ќе бидат казнети и осудени.

„Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“, изјави денеска Јовески.

И министерката за правда Рената Дескоска смета дека СЈО згасна но не и предметите на СЈО.

„ Денеска стапува во сила новиот Закон за Јавното обинителство. Специјалното јавно обвинителство како институција формално згасна, но не и предметите кои ги отвори. Сите предмети, на кои работеше Специјалното јавно обвинителство се живи, новиот Закон дава јасна правна основа за нивно продолжување до конечни судски одлуки“, речеДескоска.

Двете најголеми политички партии, очекувано, со дијаметрално спротивни ставови за крајот на СЈО.

За СДСМ новиот закон носи гаранција за владеење на правото и правна држава а предметите и истрагите на СЈО ќе бидат завршени.

„Денеска на сила стапува Законот за Јавно обвинителство која е гаранција за градење на силна, независна и ефикасна правна држава. Со Законот за јавно обвинителство продолжуваат предметите на СЈО кои се во фаза на судско постапување и нема законска пречка да им се суди на партиските криминалци од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Истовремено продолжуваат истрагите и предистрагите на СЈО. Законот обезбедува избор на обвинители без влијание на политичари и политички партии и најважно, со него нема никаква скриена амнестија. Таквата амнестија постои само во криминалнте умови на ВМРО-ДПМНЕ единствената партија која беше против овој Закон и остана на страната на криминалците и тајкуни“, соопштија од партијата.

За опозицијата пак новиот закон ќе овозможи да се гони екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„Амнестија на криминалот нема да има. Залудно Заев се радува дека со новиот закон нема да се истражуваат неговите криминали кои ги слушнавме Заев и СДСМ се синоним на криминалот. Корупцијата и криминалот им се работи кои ги прават за добро утро. Доцна е Заев и СДСМ да зборуваат за закони и нивно почитување“, соти во партиското соопштение.

Законот за Јавно обвинителство беше еден од клучните барања на ЕУ. Додека СДСМ се обидуваше да го протурка, опозициската ВМРО - ДПМНЕ чии партиски функционери се осомничени или обвинети на секој начин се обидуваше да го опструира носењето на законот. Преговоротите траеа со месеци, без никаков напредок. Законот беше изгласан на 16 февруари, неколку часа пред истекот на рокот и по гласањето Собранието се распушти.

Според текстот во Законот, обвинителите од СЈО ќе се вратат во своите матични обвинителства или во Обвинителството за организиран криминал.Прислушуваните разговори веќе нема да можат да бидат докази и со тоа основа за нови обвиненија, туку тие само ќе служат како индиции. Предметите на СЈО кои беа покренати до 30 јуни 2017 година ќе продолжат да се водат според старите законски правила и во нив прислушуваните разговори ќе бидат докази. Сите прислушувани разговори кои не беа предадени во Кривичниот суд како докази во обвиненија иили индиции во истраги ќе треба да се уништат. Јавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе се бира со непосредно гласање на сите обвинители, при изборот се воведува „Бадинтеровото мнозинство“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG