Линкови за пристапност

136 новозаболени од коронавирус, 8 пациенти починаа


Бројката на активни случаи се искачи на над три илјади. Само во четири помали града нема заболени. Владата одлучи, од петок целосно се отвараат границите и се укинува задолжителниот ПЦР тест и државниот карантин

СКОПЈЕ - Целосно отварање на границите од 26 јуни и рестарирање на аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јули, одлучи Владата на синоќешната седница. Со оваа одлука се укинуваат задолжителните ПЦР тестови и државниот карантин, а покрај тоа од 26 јуни ќе може да почнат со работа и фитнес центрите, затворените делови од рестораните и кафулињата под посебни протоколи и касината.

Премиерот Оливер Спасовски изјави дека одлуката за отварањето на границите не политичка одлука и не е поради изборите туку е одлука донесена врз проценка на анализи и препораки од Комисијата за заразни болести.

„ Оваа одлука не е во корелација со изборниот процес ниту со која било политичка одлука, туку според проценки на Комисијата за заразни болести и се темели исклучиво на тоа што го даде како порака Комисијата. Отворањето на границите го најавуваме подолго време во зависност од препораките на Комисијата за заразни болести за состојбата со вирусот кај нас и во другите земји. Ова е момент кога треба да ги отвориме границите за да имаме слободен проток на граѓани и стоки. Европската унија ги отвори границите за држави членки и од 1 јули се најавува отворање и за трети земји, меѓу кои се и државите од нашиот регион. Мора да научиме да живееме со вирусот“, рече Спасовски.

Според дел од медиумите Комисијата не дала прецизен датум кога да се отворат границите, но тоа веднаш го демантираше министерството за здравство.

„Во врска со објавените написи околу тоа дека Комисијата за заразни болести не препорачала отворање на границите, Министерството за здравство целосно ја демантира оваа информација како невистинита и информира дека на состанокот на Комисијата за заразни болести од 22 јуни 2020 година, Комисијата донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република Северна Македонија“, стои во официјалното соопштение од министерството.

Министерот за здравство, Венко Филипче, е на ставот дека отварањето на границите нема да влијае врз текот на епидемијата на коронавирусот во државата.

„Како што е познато на почетокот на кризата имавме случаи кои дојдоа од странство, но тие беа ризик за мал број контакти во нивната непосредна околина. Доколку се почитуваат превентивните мерки тогаш овој ризик практично се сведува на минимум. Неможе ниту една држава од светот да живее сама во себе затворена со затворени граници. Сметам дека отворањето на границите со контролата што ја имаме, односно термалните камери на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, сметам дека нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти“, изјави Филипче.

Бројките на заболени и починати и понатаму растат. Во последното деноноќие регистрирани се 136 нови случаи а осуммина пацинети ја загубија битката со вирусот. Бројката на жртви се искачи на 259 лица. Станува збор задвајца пациенти од Скопје, двајца од Куманово, двајца пациенти од Тетово, еден од Велес и еден пациент од Кичево.

Бројката на активни случаи се искачи на 3.095 лица. Само четири града се без регистрирани заболени – Демир Хисар, Радовиш, Виница и Делчево.

И денеска најголем број од нивоте случаи на заболени се во Скопје – 80. Во градот кој е најголемо жариште на вирусот во Северна Македонија има 1.785 заболени. Најтешко погодена е општината Чаир каде има 413 заболени а во неколку други општини како Сарај, Гази Баба, Бутел, Центар, Аеродром и карпош бројките се движат од 100 до 150 заболени. Критично е и во Тетово каде бројките секојдневно растат и каде во моментов има 338 активни случаи. Во Куманово има 254 активни случаи а во Штип – 186. Бројките растат во Охрид каде има 104 активни случаи и во Струга каде има 102 заболени.

Клиниките и болниците проидолжуваат да се полнат со пациенти, викендов се отвори и вториот Ковид центар – Детската клиника во Козле. Во моментов хоспитализирани се 347 пациенти.

„На Инфективната клиника се хоспитализирани 93 пациенти од кои 36 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле има 12 пациенти – едно дете и 11 возрасни. Во Градската болница се хоспитализирани се 124 пациенти а петмина се на распираторна машина. Во болницата во Битола се хоспитализирани 32 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 23 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 75 пациенти - позитивни и сомнителни на Ковид-19“, информираат од министерството за здравство.

Државите членки на ЕУ деновиве треба да донесат одлука дали ќе ги отворат границите за државите од Балканот поради новонастанатата сотојба и растот на бројката на заболени од коронавирус.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG