СКОПЈЕ – Троцифрените бројки на новозаболени никако да паднат а не се намалува ниту бројот на хоспитализирани на дневна база. Клиниките и инфективните одделенија се под страшен притисок, персоналот е преморен и исцрпен. Капацитетите не се исполнети но клучот сега е во здравстените работници кои веќе четири месеци се во првата борбена линија.
„Инфективните одделенија и клиниките се оптоварени, дел од здравствените работници навистина изморени, состојбата на сите одделенија бара постојан надзор и реорганизација на работата. Во оваа фаза од епидемијата мора да се организираме и да се подготвиме за целосно амортизирање на напливот на пациенти преку мобилизација и организација на сите расположливи ресурси во нашата земја. Мораме и можеме да го заштитиме здравствениот систем, да го намалиме колку што може повеќе притисокот врз здравствените работници и да обезбедиме прием и добро лекување на сите пациенти кои имаат потреба од тоа“, рече министерот Филипче.
Токму затоа двата Ковид центри во Скопје- Инфективната клиника и во Градската болница „8 Септември“ од вчера се засилени со 54 доктори и медицински сестри од Клиниките во друготе градови од државата со што ќе може да се обезбеди простор за роптација и одмор на персоналот. Помош понудија и приватните здравсени установи чиј персонал ќе се повика доколку има дополнителна потреба.
Според Филипче хоспитализирани се 330 пацинети, но капацитетите на ковид центрите и инфективните оддленија не се исполанети. Од денеска работи и монтажната болница до Инфективната клиника како помошно одделение. Во Градската болница има 250 слободни кревети а на Инфективните одделенија во Нитола, тетово и Кавадарци има доволно кадар и простор за нови пациенти. Како можност се смета и на трите приватни болници во Скопје кои имаат одделенија за изолација и би биле активирани доколку ситуацијата драматично се влоши.
„Во моментот капацитетите на клиниките и одделенијата се различно пополнети, во зависност од капацитетите, пополнетоста е далеку од максимумот, повеќето клиники и инфективни одделенија и покрај тоа имаат потреба од поддршка, од дополнителен број доктори и сестри и токму тоа се спроведе во изминатите денови“, рече Филипче.
Загрижува анализиата на надлежните која покажува дека во наредните седум дена болниците ќе продолжат да се полнат со пациенти.
„ Во овој период ќе има повеќе примени од испишани пациенти. Очекуваме намалување по овој период“, објасни министерот.
Иако бројките не паѓаат десетина дена наназад, надлежните сметаат дека нема потреба од повторно воведување на рестриктивните мерки и забрани за движење.
Директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, потврди дека лекот „дексаметазон“ го користат при третманот на пацинетите но нагласи дека тоа не е лек против коронавирусот.
„Само во комбинација со антибиотици и во вистински момент“, рече Стевановиќ.
Големиот број на жртви во последните денови е поради тоа што доцна се бара лекарска помош, најчесто во терминална фаза.
„Од вкупниот број од над 470 хоспитализирани и лекувани на клиниката, имаме 90 пациенти кои се со смртен исход. Најголем дел од пациентите се донесени по 10-15 дена самолекување дома, без никаква претходна консултација со лекар. Барем 50% од пациентите кои се лекувани кај нас и завршиле со несакан исход, кај нас се предоцна донесени на лекување и верувам дека исходот би бил различен ако пациентите барем го консултирале својот матичен лекар да ја следи нивната состојба и евентуално влошување“, објасни Стевановиќ.
Бројките на епидемијата на коронавирусот во последното деноноќие повторно се застрашувачки. Девет пациенти ја загубија битката со вирусот а бројката на починати се искачи на 210. Петмина од починатите се од Скопје, двајца од Куманово и по еден од Тетово и Охрид.
Во последните 24 часа регистрирани се 193 новозаболени и во моментов во Македонија има 2.469 активни случаи.
Најголемото жариште е Скопје со вкупно 1.425 заболени а критични општини се Чаир, Гази Баба, Бутел, Аеродром и Центар. Критично е во Тетово каде денеска има 278 заболени од кои 19 се откриени во последното деноночие, во Куманово со 206 заболени и Штип со 202 активни случаи откако вирусот се прошири меѓу вработените во текстилните конфекции.
Сепак надлежните сметаат дека во моментот нема потреба од повторно воведување на рестриктивни мерки иако министерот Филипче не ја исклучи и таа можност.
Околу проблемот со лицата во самоизолација и непочитувањето на оваа мерка, надлежните најавија дека до крајот на неделата ќе се донесе конечното решение и најверојтно јавно ќе се објавуваат идентитетите на оние на кои не им се врачени решенијата бидејќи дале погрешни информации, лажни адреси и телефони или пак одбиле да го примат.
Facebook Forum