Линкови за пристапност

ВМРО – ДПМНЕ нема да учествува на избори кои би се одржале на 5 или 8 јули


За најголемата опозициска партија едниствено средината на јули е прифатлив термин за одржување на избори. СДСМ не остапува. Претседателот Пендаровски најави дека ќе ја продолжи вонредната состојба доколку иам политички консензус за датумот

СКОПЈЕ – Избори на 5 или 8 јули ќе бидат без најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ, соопшти денеска претседателот нпартијата Христијан Мицкоски. Тој потврди дека доколку нема договор и поместување на терминот на одржување на изборите тие ќе ги бојкотираат. Од владеачката СДСМ веднаш одговорија дека поместување на терминот нема бидејќи се исполнети сите законски и уставни услови. Претседателот Стево Пендаровски остави отворена врата за прогласување на нова вонредна состојба и со тоа пролонгирање на терминот за избори но само доколку партиите успеат да се договорат.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, децидно соопшти дека 5 или 8 јули како термин за одржување на предвремените парламентарни избори ќе ја втурнат државата во нова политичка криза.

„Се согласувам со претседателот Пендаровски дека покрај здравствена и економска криза ќе имаме сериозна политичка криза и ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори ниту на 5 ниту на 8 јули и посебно после денешното известување кое што го добивме од ОБСЕ и ОДИХР тогаш претстојат други дополнителни чекори за кои што јавноста ќе биде благовремено информирана, но тогаш ни претстои процес на самоорганизирање и за жал дополнителна политичка криза во државата. И сето тоа паѓа на товар и одговорност на тој кој што треба да обезбеди услови за фер и кредибилен изборен процес, а притоа водејќи сметка да го заштити здравјето на граѓаните. Тоа е власта , ова раководство на СДСМ и Зоран Заев“, рече Мицкоски.

Средината на јули е прифатлив период за одржување на избори.

„ Да обезбедиме соодветни протоколи, нека пристигне мисијата на ОБСЕ и ОДИХР и следниот ден да одиме на избори. Според сегашните информации средината на јули е добра основа да излеземе, да ве поразиме, а потоа следи одговорност“, рече Мицкоски.

Oд опозицијата и порачаа на власта да се подготви за пораз на изборите и за одговорност.

„ Ќе ве победиме. Кога и да се случат тие избори ќе ве победиме. Последен термин кога ќе треба власта да се вразуми и да одлучи како понатаму е крајот на денешниот ден. Од утре веќе ќе биде доцна“, изјави Мицкоски.

Тој го повика претседателот Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба и со тоа да овозможи избори на средината на јули и да го заштити здравјето на граѓаните.

„ Го разбирам дека е под притисок, дека секојдневно ѕвони телефонот од оние истите луѓе кои што денеска окото не им трепнува што сме лидери во регионот по бројот на заразени и починати луѓе, и му велат една реченица, ние те поддржавме да бидеш таму каде што си. Но, остави ги тие. Тие се губитници и одговорноста ќе дојде на крајот од овие избори. Одважи се, осмели се. Ти сакаш и претендираше да бидеш татко на сите граѓани, имаш време денеска до крајот на денот да ја продолжиш вонредната состојба“, изјави Мицкоски на денешната прес конференција.

Од кабинетот на претседателот пак информираа дека продолжувањето на вонредната состојба а со тоја и нов датум на избори ќе има само доколку партиите се договорат и постигнат политички конзесус.

„ Претседателот е подготвен да донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба само доколку претходно се постигне меѓупартиски договор за датумот за предвремените избори заради создавање правна рамка за нивно непречено организирање и спроведување“, соопштија од претседателскиот Кабинет.

Владеачката СДСМ веднаш одговори на прозивките на опозицијата и нивните услови. Остануваат на ставот дека избори ќе има на 5 или 8 јули бидејќи така налагаат законските прописи.

„Итно одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да ги вратиме институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет. Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите. Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е! Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на било која партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата. Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи“ напиша претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на социјалната мрежа „Фејсбук“.

На полноќ заврши вонредната состојба, а Зоран Заев и Христијан Мицкоски на завчершната двоипол часовна средба под покровителство на претседателот Пендаровски во „Вила Водно“ не постигнаа договор за датумот за изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG