Линкови за пристапност

Состанокот кај претседателот Пендаровски без ефект - нема договор за датум за избори


Три часа траеше средбата под покровителство на претседателот Стево Пендаровски меѓу лидерите на власта и опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, но датум за предвремените парламентарни избори нема ниту пак било каков конкретен договор.

СКОПЈЕ - „На покана на претседателот Стево Пендаровски, вечерва во „Вила Водно“ се одржа средба со лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Двајцата лидери на политичките партии, по средбата, со куси изјави и без новинарски прашања речиси го повторија тоа што го соопштија од претседателскиот Кабинет.

„Не успеавме да постигнеме договор, оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку треба да се слушнеме и нема да дадеме дополнителни коментари во делот на изјавата, ниту даваме одговор на прашањето“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Во интерес на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација, донесовме заеднички заклучок претседателот преку соопштение да информира и во деновите кои следат ќе имате дополнителни информации како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент сè уште нема договор“, рече Мицкоски.

Она што е познато во јавноста е дека двете партии сакаат избори во јули но со различни термини, од 5 до 22 јули, период кој е взаемно прифатлив.

Денеска Заев изјави дека двете партии пред прекинувањето на комуникацијата разговарале парламентарните избори да се одржат во среда на 8 јули, а во понеделникот и вторникот претходно да гласаат болните кои ќе се пријават за гласање и затоа ќе побара продолжување за три дена на вонредната состојба од претседателот на државата доколку ВМРО-ДПМНЕ се согласи изборите да се одржат на 8 јули.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што изјави генералниот секретар Игор Јанушев, бара од претседателот Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број заболени и починати од КОВИД-19. Подготвени се за разговори и средби, но, како што рече, не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.

Инаку ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор. Претходно претседателот Пендаровски кажа дека нема потреба за повторна лидерска средба во форматот што го имаа досега два пати, затоа што позицијата на другите лидери се изборите да се одржат на 5 или 19 јули.

Претседателот Пендаровски денеска соопшти дека одлучил да не ја продолжува вонредната состојба која истекува утре на полноќ. Од недела почнуваат да течат роковите за одржување на избори- 22 дена.

Предвремените парламентарни избори беа закажани за 12 април но се одложија поради епидемијата на коронавирус во државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG