Линкови за пристапност

Пет сојузни држави одржуваат примарни избори


Гласачите во пет американски сојузни држави излегоа на гласање во вторникот во примарните избори на политичките партии.

Гласањето во Џорџија, држава на југот, одеше споро. Избирачите велеа дека се чека премногу долго, а официјалните лица изјавија дека има проблем со дел од гласачките машини кои не работеле.

Во најголемиот град во државата, Атланта, градоначалничката Кејша Ленс Ботомс апелираше гласачите да бидат трпеливи велејќи дека долгите редови и проблемите со машините ги има на повеќе места.

„Ова по се изгледа се случува низ цела Атланта и веројатно низ целиот округ“ напиша на Твитер Ленс Ботомс. „Ако чекате во ред, ве молам не дозволувајте да пропадне вашиот глас. Ве молам останете во редот“.

Државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, пред гласањето предупреди на можноста за долги редови поради препораките за социјално дистанцирање од најмалку два метри за да се ублажи ширењето на коронавирусот.

Избори се одржуваат и во Невада, Јужна Каролина, Северна Дакота и Западна Вирџинија.

Ширењето на коронавирусот во САД ги принуди изборните тела на сојузните држави да воведат нови мерки за гласање во отсуство и гласање по пошта иако претседателот Доналд Трамп го оспоруваше ова, без докази, велејќи дека гласањето по пошта ќе предизвика големи изборни измами.

Гласањето во Невада е целосно организирано преку пошта, додека Северна Дакота, Џорџија и Западна Вирџинија испратија апликации за да се пријават оние кои сакаат да гласаат на овој начин.

XS
SM
MD
LG