Линкови за пристапност

Демократската Партија со иницијатива за длабинска полициска реформа


Луѓето маршираат и бараат не само промена туку трансформативна промена која ќе стави крај на полициската бруталност и на расното профилирање
Керен Бас, ко-спонзор на легислативата

Демократите во Конгресот во понеделникот повикаа на најголема реформа на законите за полиција во изминативе неколку децении со што повторно се судрија со претседателот Доналд Трамп кој се залага за цврсти сили на редот.

„Светот е сведок на раѓањето на ново движење во нашата земја“ изјави Керен Бас, една од ко-спонзорите на легислативата. „Луѓето маршираат и бараат не само промена туку трансформативна промена која ќе стави крај на полициската бруталност, на расното профилирање и ќе стави крај на неможноста Американците да тужат доколку се повредени од страна на полициски службеник“.

По смртта на Џорџ Флојд, 46 годишен Афроамериканец кој почина пред две недели во Минеаполис во Минесота, Демократите и во Претставничкиот Дом и во Сенатот имаат за цел да ја прошират отчетноста и одговорноста на полицијата, да овозможат следење на „проблематични“ службеници преку „национален регистар за лошо полициско постапување“ и да стават крај на префрлањето воена опрема на полициските оддели низ земјата.

Демократите за в среда закажаа сослушување во Претставничкиот Дом во надеж дека до крајот на месецот ќе биде изгласано она што тие го нарекуваат „Акт за правично постапување на полицијата во 2020-та“. За предлогот да стане закон ќе мора да помине и во Сенатот во кој контролата ја имаат Републиканците каде за наредната недела е закажано сослушување за полициското постапување.

Сакам голема и добро платена полиција. Сакам закон и ред
Доналд Трамп, претседател на САД

Досегашните обиди на Конгресот за реформи во полицијата и за контрола на вооружувањето пропаѓаа, а нејасно е до која мера Републиканците би можеле да се приклучат кон намерата за реформи на полицијата сега.

Републиканците често го следат ставот на Доналд Трамп при носењето на одредени закони. Претседателот во неделата на Твитер напиша „Сакам голема и добро платена полиција. Сакам закон и ред“.

Во образложението на легислативата Демократите велат „Постојаната, неконтролирана пристрасност на полицијата и историјата на недостаток на одговорност предизвикуваат хаос во Афроамериканската заедница. Градовите буквално горат поради болката предизвикана од насилството кое го трпат“.

Легислативата има за цел да го забрани притискањето на вратот при приведувања во случаи за дрога на федерално ниво и истовремено да изврши притисок врз локалните и врз властите во сојузните држави да донесат слични забрани со тоа што ќе го запре финансирањето доколку не го направат тоа.

Некои локални власти веќе го имаат забрането користењето на вакви тактики за приведување.

Тоа и беше причина за смртта на Флојд. Полицаецот Дерек Човин со коленото го пристикаше неговиот врат речиси девет минути иако Флојд повеќе пати велел дека не може да дише.

Човин е обвинет за убиство од втор степен, додека неговите тројца колеги кои не интеревенираа и не му помогнаа на Флојд се обвинети за помагање на убиството.

Гневот поради смртта на Флојд и поради полициската бруталност кон малцинствата предизвика дво неделни демонстрации низ САД и низ светот, некои од нив преминаа и во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Последниве денови протестите во најголем дел беа мирни.

Кога луѓето маршираат по улиците тоа е зашто се целосно свесни за историјата на ова прашање во Америка и поради тоа што веќе им е доста
Камала Харис, сенаторка

Протестите кои се организираат низ целата земја се најраспространети по оние од 1960-те години против вклучувањето на САД во војната во Виетнам.

„Кога луѓето маршираат по улиците тоа е зашто се целосно свесни за историјата на ова прашање во Америка и поради тоа што веќе им е доста“ изјави сенаторката Камала Харис.

Демократите го повикаа лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич МекКонел, да ја стави иницијативата за гласање до крајот на јули.

Предлогот на Демократите треба да го олесни барањето одговорност за постапките на полициските службеници. Треба да ја промени правната доктрина на „квалификуван имунитет“ која често ги штити полицајците од граѓански тужби.

Според друга одредба, жртвите ќе треба само да покажат дека полицијата „несовесно“ им ги одземала граѓанските права, а не како до сега кога се бара да докажат дека полициската акција била „намерна“.

По смртта на Флојд, некои активисти отидоа значително подалеку од предложената легислатива, со повици за „дефинансирање на полицијата“. Некои активисти велат дека целта не е целосно да се распуштат полициските сили, туку да се пренасочат дел од средствата од полициските оддели кон други даватели на услуги како социјални, едукативни и служби за домување.

Спикерката на Претставничкиот Дом, Ненси Пелоси, уште еднаш одби директно да одговори дали го поддржува „дефинансирањето на полицијата“. Наместо тоа, Полоси рече дека Демократите во Претставничкиот Дом работат на неколку предлози кои ќе адресираат дел од социјалните сервиси за кои демонстрантите велат дека треба да бидат финансирани со парите кои сега одат кон локалните полициски оддели.

Закон и ред, а не дефинансирање и укинување на полицијата. Радикалната левица кај Демократите побудалела
Доналд Трамп, претседател на САД

Градскиот Совет на Минеаполис соопшти дека планира ја укине општинската полиција, додека градоначалниците на двата најголеми града во САД, Њујорк и Лос Анџелес, рекоа дека ќе го намалат финансирањето на полицијата за сметка на општински програми за сиромашните соседства.

Трамп во понеделникот преку Твитер ја отфрли идејата велејќи „Закон и ред, а не дефинансирање и укинување на полицијата. Радикалната левица кај Демократите побудалела“.

в. д. Шефот на домашната безбедност, Чед Волф, во неделата во емисија на Фокс Њуз идејата за дефинансирање ја нарече „апсурдна“.

„Тоа нема смисла“ рече Волф. „Тоа е само политичка изјава“.

XS
SM
MD
LG