СКОПЈЕ – Целосно непочитување на мерките и препораките на Комисијата и Владата, недисциплина и недоговорност на граѓаните, но не и отсуството на контрола и спроведување од страна на надлежните институции и инспекции, е причина за наглиот скок на заболени од коронавирусот во последните неколку денови. Вака може да се сублимира заедничката прес конференција која ја одржаа министерот за здравство Венко Филипче, претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски и директорот на Центарот за јавно здравје д-р Арбен Зибери.
„Она што се случи по олабавувањето на рестрикциите се должи на тотално непочитување на превентивните мерки, како што се носење на заштитна маска и спречување на групирање на повеќе од две лица. Тоа ни се удри како бумеранг за време на празникот Рамазан Бајрам и ифтарските вечери. Бројот на заболени почна да се зголемува заради непочитување на мерките. Дојдовме до состојба кога цела Европа па и светот ги олабавуваа мерките, а тоа го направивме и ние, очекувајќи дека ќе се почитуваат мерките. Крајно сум разочаран од непочитување на тие мерки “, рече Караџовски.
Тој потенцираше дека вирусот е тука и дека граѓаните мора да бидат свесни за опасностите кои ги носи.
„Само тие што не биле на инфективна не знаат како е таа мачна атмосфера. Не е сеедно да видите како луѓе умираат. Ве молам дајте да сфатиме дека маска и дистанца е основата. Да се здружиме заеднички, и партии и политика и кои било други работи да ги тргнеме настрана“, кажа Караџовски.
Нагласи дека сите препораки кои ги дале до Владата биле издржани и се темелеле на анализи но додаде дека не знае зошто Главниот кризен штаб во Владата делумно ги усвојувала.
Караџовски, како и Филипче кажаа дека не чувствуваа одговорност за наглиот пораст на заболени во државата.
„Апсолутно не. Сите мерки кои ги предлагавме до Владата беа издржани и аргументирани со многу параметри на дневна основа и на тие анализи кои се прават за период од две недели. Така се прави и кривата на преносливост и анализите и проценките како ќе се одвиваат натаму бројките. Секогаш има еден фактор што не може да се предвиди, а тоа беше што ова сега се случи, односно непочитувањето на мерките во рамки на некои настани“ изјави Филипчеи додаде дека новата бројка на заболени е резултат на семејни собири и прослави во период од 23-25 мај, а тоа е јасно стои во епидемиолошките прашалници.
Според анализите на Комисијата и министерството за здравство вирулентоста на вирусот се намалува а за тоа сведочи податокот дека голем дел од новозаболените се асимптоматски случаи.
Зголемениот број на заболени, според надлежните, исто така се должи и на фактот што е изменети системот на тестирање но и зголемена бројката на тестови на дневна база.
Речиси 60 отсто од кластерите на нивно на државата се познати а во Скопје тој процент е речиси 90 отсто. Во моментов во Скопје има 41 кластер.
„Од вкупниот број активни позитивни случаи во Скопје, 90 проценти се во 41 кластер, повеќето кластери се во кругот на фирми и семејства. Кластер може да се состои од 3 до 22 члена од семејство. 90 проценти од заболените припаѓаат на кластерите. Ова е доказ дека нашите епидемиолози ја имаат состојбата под контрола и точно знаеме од каде се новите случаи. 65 проценти или 390 од активните случаи се поврзани со веќе познати позитивни случаи. 60 проценти или 360 од новите заразени се асимптоматски. Околу 35 проценти или 210 од активните случаи, пак, не се поврзани со познати случаи“, изјави Зибери.
Според Филипче нема опасност од оптеретување на здаравствениот систем иако во последните денови се хоспитализирани над 70 лица. Во моментов на Инфективната клиника која има капацитет од 110 легла има 70 пациент.
Во моментов највисока стака на инцидентност има кај возрасната група од 50 до 59 години и кај групата од 60 до 69 години, а на ниво на државата 37 отсто од потврдените случаи се асимптоматски.
Ризик за ширење на епидемијата можа да има бидејќи голем број на жители на Скопје го напуштија градот и заминаа во некој од турстичките центри откако Владата одлучи градот да го стави 80 часовен карантин.
„Секогаш постои ризик тие што го напуштија Скопје да се асимптоматски и да го пренесат вирусот во општините кај што престојуваа“, рече Караџовски.
127 новозаболени и тројца починати пациенти е билансот од епидемијата на коронавирусот во Македонија во последното деноноќие. Трите жртви ја изгубиле битката со коронавирусот на Клиниката за инфективни болесни со што бројот на жртви сега изнесува 156 лица. Станува збор за 70 годишен кумановец и двајца пациенти од Скопје на возраст од 62 односно 78 години.
Повторно најголем број од новите заболени се од Скопје - 67, во Штип се откриени 33 нови случаи, во Куманово - 11, Тетово -10, Охрид - 6, во Струга - 5, Кочани и Пробиштип по два и еден новозаболен во Куманово и Дебар.
Од почетокот на епидемијата регистрирани се 3.152 заболени, од кои 1.653 се оздравени а активни во моментов се 1.343 случаи.
Скопје најголемото жариште со вкупно 720 случаи активни случаи но и со 40 жртви досега. Најмногу се во Чаир - 168 заболени,Центар - 64, Бутел - 63, Гази Баба - 58, Аеродром - 57, Сарај - 55, Карпош - 45, Кисела Вода - 35, Арачиново - 23, Студеничани - 19, Ѓорче Петров и Илинедн имаат по 18 заболени, во Шуто Оризари се 17, Петровец - 6, Чучер Сандево - 3 и во Сопиште двајца заболени.
По градови, во Штип има 169 заболени откако вирусот се прошири меѓу вработените во текстилната индрустрија во Куманово има 139 активни слуаи од кои најголем број се од Липковскиот регион, а во Тетово се 127.
Во моментов хоспитализирани се 189 пациенти од кои осуммина се на респираторна машина а 46 се со потешка слика или на кислородна поддршка.
Владата утре ќе одлучува по препораката на Комисјата за воведување на полициски час во кризните општини и жаришта односно во Скопје, тетово, Куманово и Штип кој би траел од 22 часот до 5 часот наутро.
Facebook Forum