Линкови за пристапност

Нов карантин- Комисијата за заразни болести предлага тродневен полициски час за Скопје, Тетово, Штип и Куманово


За продолжениот празничен викенд епидемиолозите сметаат дека треба да има полициски час и на територијата на целата држава кој би траел од 16 часот до 5 наутро. Се чека на одлука на Владата. Во последното деноноќие 101 нов случај на зaболен од коронавирус и четири жртви.

СКОПЈЕ -80 часовен карантин за жителите на четири града предлага Комисјата за заразни болести за претстојниот продолжен викенд . Станува збор за Скопје, Тетово, Куманово и Штип каде што има голем број на новорегистрирани случаи на заболени од коронавирус и регистрирани кластери. Полициски час се бара и на територијата на целата држава но тој би траел од петок до понеделник од 16 часот до 5 наутро. Предлогот ќе биде доставен до Владата која треба да ја донесе конечната одлука. Владата веќе заседава и на седницата единствена точка е предлогот на комисијата за карантин и полициски час.

Од Комисијата соопштија дека предлогот се должи на големиот број на нови случаи на заболени од коронавирус во последните неколку дена. Во понеделникот бројката на нови случаи беше 89, вчера 76 а денес 101 случај

Комисијата соопшти дека бара во Скопје – сите скопски општини, општина Куманово, општина Липково, општина Штип, општина Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце полицискиот час да почне во четврток во 21 часот и би траел до понеделник до 05 наутро.

„Во сите останати градови, полицискиот час да трае – од четврток (4 јуни) од 21.00 часот до петок (5 јуни) до 05.00 часот наутро. Останатите денови полицискиот час да започнува од 16.00 часот и да трае до следниот ден до 05.00 часот наутро“, стои во официјалната информација.

Од министерството за здравство соопштија дека на состанок бил повикан првиот човек на МВР, министерот Наќе Чулев, кој био запознат со проблемите со кои се сретнуваат задравствените работници и епидемиолозите .

„На претставниците на Министерството за внатрешни работи им беа укажани потешкотиите со кои се соочуваат екипите на терен во однос на пристап до луѓе за тестирање и прекршувања на мерката за самоизолација. Од службите на МВР беше побарана поголема ажурност, ефективно делување на терен, контрола и санкционирање на прекршувањата на мерките“, соопштија од министерството за здравство.

Во последното деноноќие се регистрирани 101 нов случај на заболени од коронавирус и четири починати пациенти со што бројката на жртви се искачи на 145 лица. Станува збор за 84 годишен пациент од Прилеп, хоспитализирана на 17 мај на Клиниката за инфективни болести додека во Градската болнмица „8 септември“ починаа, пациент од Тетово (75г) примен на 24 мај, пациент од Куманово (71г) примен на 26 мај и пациент од Скопје (58г) примен на 30 мај.

Во моментов во државата се активни 742 случаи. Од денешните 101 нов случај повеќе од половина се од Скопје - 59 заболени. Во Куманово се откриени 12 случаи, во Штип седум, Струга шест, во тетово пет, во Гостивар и Кочани по три, двајца во Пробиштип и по еден во Охрид, Велес и Кавадарци.

Критични општини во Скопје се Чаир, Сарај, Гази Баба и Аеродром а денеска во Штип каде што вирусот се шири меѓу текстилните работници беше затворена уште конфекција. Во Штип е предвидено тестирање на над 600 вработени во текстилната конфекција.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 2.492 лица заболени од Ковид-19 од кои оздравени се 1.605 пациенти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG