СКОПЈЕ - Уште две недели ќе трае вонредната состојба на територијата на целата држава. Претседателот Стево Пендаровски, по состанокот на Советот за безбедност соопшти дека донел одлука со која се продолжува оваа состојба а одлуката се темели исклучиво поради состојбата со епидемијата на коронавирусот во Македонија а не и со политичката криза поради отсаството на договор за датум за предвремени парламентарни избори.
„Тука сакам посебно да нагласам дека одлуката за новите 14 денови е поврзана исклучиво со намерата да и се овозможи на владата и на останатите надлежни институции поефикасно да се справуваат, пред се со здравствените, но и со економско социјалните ефекти од пандемијата и нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат и по сосема други комуникациски канали, различни од Советот за безбедност“, нагласи претседателот Пендаровски.
Утрово заседаваше и Владата која донесе одлука и испрати барање до претседателот Пендаровски за продолжување на вонредната состојба.
„Треба да се истакне дека во моменти кога партиите не можат да постигнат договор, институциите мора да ја преземат целосната одговорност и тоа беше и дебата на Советот за безбедност. Затоа сметаме дека овие 14 дена се период во кој треба да ги завршиме сите аспекти во делот со справувањето економската последици и со здравствената криза и за примена на сите мерки што ги презеде Владата за справување со пандемијата“, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Претседателот Пендаровски пак и порача на Владата дека надлежните мора да бидат поактивни на теренот, да се превенира и да се санкционира непочитувањето на препораките и заштитните мерки.
„Негативните трендови забележани во некои општини не смеат да бидат повод да се враќаат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани. Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, неселективно, сосема независно од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќања на кризата на самите почетоци и крајно неправедно, заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“, рече претседателот Пендаровски.
Прашан за евентуалниот карантин во критичните општини, Пендарвоски соопшти дека се разговарало на таа тема но одлуката не е во негова ингеренција.
„Стануваше збор за тие општини, да бидам попрецизен за делови од тие општини. Но не стануваше збор за сет за мерки бидејќи тоа е под надлежност на Кризниот штаб а не на Советот за безбедност“, објасни Пендаровски.
Тој им порача на лидерите на парламентарните партии да се обидат да се договорат и да утврдат термин за одрување на изборите бидејќи вонредната состојба не може вено да трае
„Државата не може вечно да биде во вонредна состојба за некако да функционира. Ние ќе морама да имаме институции политички. Нивно е да решат кога е најдобро да биде датумот за избори но факт е дека короната ќе трае и ќе биде тука и факт е дека вакцина не е ни најавено дека може да има“,рече Пендаровски.
По завршувањето на состанокот тој им се заблагодари на граѓаните за дисциплината и истрајноста во борбата со епидемијата.
„Сакам да им се заблагодарам на огромното мнозинство наши граѓани за тоа што веќе трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на своето здравје и здравјето на своите најблиски. Истовремено сакам да упатам апел до нив, до сите нас, да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултати кои ги имавме до сега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигурно ќе ја добиеме, но, мораме да останеме совесни и одговорни до самиот нејзин крај“, изјави претседателот.
Со продолжувањето на вонредната состојба се појасно се наѕира евентуалниот термин кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори - 5 јули. Овој датум веќе беше посочен од ДУИ но од СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ немаше официјална поддршка иако нефоцијално има приближување во ставовите и согласноста околу овој датум.
Денеска претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, без прецизен одговор околу термин за одрѓување на избори но со голем број на обвинувања на сметката на политичките опоненти. Тој не ја исклучи можноста да учествува на лидерска средба доколку претседателот Пендаровски одлучи да организира ноза да разговара за иднината на државата и за здравјето на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори кога и да се случат тие. Математиките, диктатот и исполнувањето на желбите на Заев преку Спасовски се надвор од фокусот на вниманието на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент се чувствувам непријатно за да зборувам за било каков датум за одржување избори кога се уште броиме мртви и новоинфицирани на дневна основа. Овие нови 14 дена се за да тие се повикаат на тие 22 дена кои што викаат дека се доволни споредДИК, и да речат еве на 5 јули ќе имаме избори. Наместо да се зборува за мерките, сега, ќе се занимаваме со тоа ВМРО-ДПМНЕ бегало од избори, а СДСМ бил тој кој ќе оди на 5 јули на избори“, изјави Мицкоски.
Од СДСМ му реплицираа дека го загрозува здравјето и безбедноста на граѓаните со тоа што се обидува да го пролонгира одржувањето на изборите.
„Христијан Мицкоски очигледно сака да нема избори, зашто кога и да се случат ќе изгуби.Какви било идеи за избори среде лето или на есен се небулозни и опасни. Избори среде лето ќе го загрозат гласачкото право на граѓаните, односно ќе предизвикаат конфликт на правото на глас со правото на одмор. Затоа изборите треба да се случат веднаш, согласно законските рокови. Избори на есен се опасна идеја по здравството и економијата. Државата не смее да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент. Овие две инститиции мора да се во полн технички и политички капацитет, заради успешно справување со Ковид-19“, соопштија од СДСМ.
Предвремените парламентарни избори беа закажани за 12 април но не се одржаа поради епидемијата на коронавирусот во државата.
Facebook Forum