СКОПЈЕ – Песедет и два нови случаи од кои 42 се во шест општини кои се новите жаришта го вклучи алармот кај надлежните. Станува збор за четири општини во Скопје- Чаир, Гази Баба, Аеродром и Сарај, Тетово и Штип каде вирусот се шири меѓу вработените во текстилната индустрија. Само во Штип се регистрирани 17 заболени, еден погон е затворен а 70 лица се во самоизолација.
„Ние не можеме вечно да живееме со затворени граници, со рестрикција на движењето и одговорноста за враќање во нормала сега е на секој граѓанин во нашата земја. Жал ми е што има луѓе што ова не го разбираат, заради тоа што ниту ние во Министерството ниту епидемиолозите, ниту било која државна институција не може сама да се справи со овој проблем. Огромна одговорност имаат граѓаните“. Ова е ставот на министерот за здравство Венко Филипче по зголемувањето на бројката на нови случаи на заболени од коронавирус во изминатите неколку дена.
Тој констатираше дека има општини каде заштитните мерки воопшто не се почитуваат, не се носат заштитни маски, не се држи дистанца и има често групирање и најави дека не ја исклучува можноста за враќање на рестриктивните мерки, вклучувајќи го и карантинот, во кртитичните општини.
Вчера надлежните беа во инспекција токму во Тетово и во Штип. Регистирани се бројни пропусти.
„Во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата, дека има генерално непочитување на сите изречени мерки - носењето на маските како и дистанцата, како во Тетово така и во околните места кајшто има новодијагностицирани случаи. Во Штип, непочитување на правилото за транспорт посебно на вработените во конфекциите каде што има новодијагностицирани пациенти.Во транспортот во автобусите се возат вработени од сите конфекции, се собираат од сите околни места во Штип. Не се почитува правилото за процент на пополнетост на автобусот, ниту пак носењето на маски“, кажа Филипче.
Тој потенцираше дека новите случаи се заразиле во перидотот кога на сила имаше рестриктивни мерки и дека ширењето на епидемијата се должи исклучиво на напочитувањето на мерките.
„Зголемениот број на случаи доаѓаат најчесто од познати кластери, меѓутоа има и некои нови околу тие кластери, во неколку општини“, објасни министерот.
Она што загрижува е што епидемиолозите наидуваат на отпор кај населението. Се даваат лажни податоци при анкетирањето, не се дава листа на лица со кои биле во контакт како и места на кои се движеле, се даваат лажнни адреси за места каде би ја издржувале мерката самоизолација но и често ги напуштаат домовите иако е тоа најстрого забрането. Филипче побара поактивна улога на МВР во превенција но и во изрекувањето на санакции.
„Уште еден проблем со којшто се соочуваат колегите епидемиолози - одбивањето на соработка од страна на пациентите, потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да дадат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко може да се достават решенијата за самоизолација. Загрижува уште повеќе што има информации за граѓани кои и со решение за самоизолација се шетаат надвор. Затоа барам апсолутно поголема ажурност од страна на Министерството за внатрешни работи - поголема контрола и санкции на тие коишто овие мерки не ги почитуваат. Ние продолжуваме активно да ја следиме состојбата“, алармираше Филипче.
Здравствениот систем не е отповарен и состојбата е под контрола, смирува министерот. Во 15 градови нема заболени а во шест бројката е до 5 случаи.
„Процентот на заразени од тестирани во изминатите 14 дена, онака како што се прави статистиката за секои две недели наназад, изнесува 5,5% и тука се калкулираат и тестовите направени од скринингот, од моментот кога почнаа да се прават. Капацитетот во болниците е пополнет 11%, и со тоа здравствениот капацитет, здравствениот систем е во добра кондиција“, изјави Филипче и додаде дека бројот на оздравени здравствени работници е висок - над 92%.
Тој најави дека, во пресрет на утрешната Седница на Советото за безбедност, до претседателот Стево Пендаровски, ќе достави препорака да се продолжи вонредната состојба.
Идната недела Комисијата за заразни болести ќе дискутира околу отварањето на државните граници и протоколите за влез и излев во државата како за македонските така и за странските државјани.
Facebook Forum