Линкови за пристапност

Ковид-19 е закана и за шпанските традиционални борби со бикови


Матадорите се организираат за да го спасат овој контроверзен кравав спектакл, кој е дел од културното наследство на Шпанија, но против кој расте јавниот отпор

Со маска која го покрива неговото убаво лице, Каетано Ривера учествуваше на протестот на шпанските матадори кои стравуваат за опстанокот на крвавиот спектакл со бикови во Шпанија.

Борбите со бикови во Шпанија обезбедуваат работа за околу 54.000 луѓе и генерираат скоро 4,4 милијарди американски долари годишно за економијата, што е речиси 1% од БДП.


„Не ја цензурирајте културата“, се вели во пораката на маската што ја носи Ривера, еден од најпознатите матадори во државата, кој се појавува толку често во списанијата колку што настапува на коридата.

Откако кризата со Ковид-19 ја блокираше целата држава шпанските кориди останаа празни.

Фестивалот познат по трка со бикови во Памплона, кој привлекува десетици илјади посетители од целиот свет секој јули, беше меѓу главните фестивали што беа откажани поради пандемијата.

Соочени со недоволна финансиска помош од државата, додека загубите се бројат во милиони долари, матадорите тргнаа во офанзива.

„Борбите со бикови треба да имаат своето место во културната индустрија заради својата традиција, економската важност и социјалната поддршка“, напиша Ривера во порака на својот профил на Инстаграм.

Како што расте загриженоста поради ризикот од втор бран на коронавирус, неизвесно е дали трибините повторно ќе се наполнат со илјадници гледачи.

Познатата национална фиеста во Шпанија е дел од културното наследство на државата.

Глетката на матадорите облечени во сјајни костими додека водат битка со бикови тешки по половина тон, со векови била инспирација за уметниците, почнувајќи од Франциско Гоја, па сè до Пабло Пикасо и Ернест Хемингвеј.

Во денешно време спектаклот обезбедува работа за околу 54.000 луѓе и генерира скоро 4,4 милијарди американски долари годишно за економијата, скоро 1% од БДП, покажуваат податоците на Националното здружение на организатори на борби со бикови.

Матадорите во Шпанија тврдат дека левичарската влада неправедно обезбедила финансиска помош во висина од 121,3 милиони американски долари за секторите од културата како што се киното, театрите и музичарите, додека за поддршка на борбите со бикови се одвоени само 71.655 долари.

Викторно Мартин, претседател на групата која ги брани интересите на овој сектор, проценува дека загубите поради ограничувањата воведени со пандемијата изнесуваат 772 милиони долари.

Некои ранчери се откажале и ги заклале сите нивни животни, рече Мартин. Во еден случај биле убиени дури 400 животни.

Мартин оваа недела се состана со шпанскиот министер за култура, Хозе Мануел Родригез Урибес на разговори за финансиската помош од владата и за даночните отстапки.

Тој рече дека одгледувачите на бикови за борби мораат да плаќаат данок на додадена вредност од 21% по грло, додека фармерите со обични бикови плаќаат 10%.

„Сакаме правда. Борбите со бикови се втората најважна културна активност по фудбалот во Шпанија “, изјави Мартин за Гласот на Америка во телефонско интервју.

Борбите со бикови се во опасност уште од финансиската криза во 2008 година, што ја втурна земјата во петгодишна рецесија, принудувајќи големи кратења на јавната потрошувачка.

Многу локални власти ги намалија трошоците за борби со бикови кои вообичаено се во центарот на годишната фиеста.

Бројот на борбите со бикови се намали од 3.651 во 2007 година - една година пред финансиската криза - на 1.521 во 2018 година.

Неодамна, левоориентираните регионални власти се обидоа да ги забранат борбите со бикови бидејќи во Шпанија расте отпорот кон оваа традиција.

Повеќе од 135.000 луѓе потпишаа петиција во која се бара да не се трошат јавни пари за финансирање на овие борби.

Неодамнешна анкета покажа дека 47% од Шпанците се за забрана на контроверзниот спектакл, додека 18,6% се спротивставиле на забраната, а 37,7% се изјасниле против борбите со бикови, но не сакаат тие да бидат забранети.

Лора Дуарте, од Пакма, политичка партија за права на животните, го опишува спортот како „сурова традиција“ за која вели дека прима милиони долари грантови од Европската унија, централните и регионалните влади.

„Ние сметаме дека ова не е момент да се фрлаат повеќе пари на борби со бикови. Ова е момент тоа еднаш засекогаш да се реши“, изјави таа заГласот на Америка во телефонско интервју.

Коронавирусот нема да ги убие биковите, но може да помогне во нивното истребување
Антонио Лорка, критичар во „Ел Паис“


Антонио Лорка, критичар на борбите со бикови на шпанскиот весник „Ел Паис“, рече дека индустријата е слабо организирана и дека се борела финансиски уште пред кризата со коронавирусот.

„Во споредба со фудбалот, кој е добро организиран, борбите со бикови не беа во добра позиција и пред ова“, изјави тој за Гласот на Америка во телефонско интервју.

„Она што ќе биде клучно е ако борбите со бикови се вратат во август или подоцна. Коронавирусот нема да ги убие биковите, но може да помогне во нивното истребување“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG