Линкови за пристапност

НАСА и „СпејсЕкс“ подготвени за испраќањето екипаж на Меѓународната вселенска станица


НАСА и „СпејсЕкс“ се подготвени за испраќањето екипаж на Меѓународната вселенска станица, прво вакво лансирање од американска почва од 2011-та година.

Двајца астронаути на НАСА ќе бидат на вселенското летало „Змеј“ на „СпејсЕкс“. Ова е последен дел од тест фазата на соработката на НАСА со приватни компании чија цел е повторно испраќање на Американци во вселената.

Откако престана користењето на спејс шатлите, НАСА се потпираше на партнерство со руската вселенска агенција за да испраќа астронаути до Меѓународната вселенска станица.

Се очекува претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс да присуствуваат на лансирањето од вселенскиот центар Кенеди на Флорида.

Постоеше загриженост дека временската состојба нема да биде погодна, но метеоролошката служба на воената авијација прогнозира шанса од 60% за добри услови.

Доколку лансирањето не се изведе во среда, НАСА и „СпејсЕкс“ ќе се обидат повторно во сабота.

Целта на НАСА е да воспостави релативно евтин и безбеден систем за испраќање на екипаж во вселената.

Од НАСА велат дека мисијата „ќе обезбеди круцијални податоци за перформансите на ракетата Фалкон 9, леталото ‘Змеј’, како и системите на земја, во орбита и процедурите за спојување и слетување“.

И вселенското летало на Боинг е во тест фаза за мисии со екипаж.

XS
SM
MD
LG