Линкови за пристапност

Рускоска: Ја докажавме вината на Јовановски и Јанева


Обвинителката презентираше видео снимка од домот на Камчеви досега непозната на јавноста. Чантата со парите завршила во домот на родителите на Боки 13, тврди таа. Одбраната на Јовановски и Јанева во понеделник ќе ги даде завршните зборови а потоа ќе се одреди датумот за изрекување на пресудата

СКОПЈЕ -„Обвинетата Катица Јанева е уште во филмот на Чарлиевите ангели, кои ние ги издигнавме највисоко на пиедесталот. Ние се разочаравме од нашите Чарлиеви ангели, зашто клучната фигура Јанева помина на страната на злото”. Вака обвинителката Вилма Рускоска го почна излагањето во завршните зборови на судскиот процес за случајот „Рекет”.

„Кога Камчев дојде во обвинителството да пријави и кажа што се случувало, мислев дека се наоѓам во лош сон. Износите на пари што се барани, повеќето од нас не можеме да ги замислиме ни на сон, а не на јаве“, рече Рускоска.

Таа смета дека во текот на постапката недвосмислено се докажала вината на Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева а одбраната се обидува да одбрани нешто што е неодбранливо.

Осврнувајќи се на дадената одбрана, таа кажа дека Јовановски е „балканска ѕвездичка“ и дека скапата брендирана облека не се подарува на личности од негиовт калибар и дека тие сами си ја купуваат, доколку имаат пари за тоа.

Околу Јанева, Рускоска нагласи дека не е спорно што дала позитивно мислење да му се даде времен пасош на Камчев, туку причината поради која го сторила тоа - „алчноста за пари“.

Во завршните зборови Рускоска цитираше делови од аудио снимките објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“, како и делови од исказите на сопружниците Камчеви за тоа како им биле барани пари како и на исказите на обвинителите од СЈО кои беа сведоци во процесот.

Во текот на завршните зборови Рускоска презентираше и фотографија која според неа е доказ дека торбата со парите заврила во домот на родителите на Јовановски. На фотографијата се гледа дека торбата е на тросед на кој седи човек а според вептачењето локацијата каде е направена фотографијата е семејната куќа на Јовановски.

Во продолжение таа презентираше нова снимка од домот на Камчев која во текот на процесот не беше објавена како доказ ниту пак беше дел од сетот снимки кои протекоа во јавноста. Според Рускоска снимката е од 21 февруари дена откако ги зеле парите од Камчев, а на неа се гледаат Милевски и Јовановски со друга чанта со што паѓа во вода тврдењето на одбраната дека чантата со пари му била вратена на Камчев.

„Тие заедно доаѓаат во куќата на Камчев. Милевски носи ташна, но црна и со големи рачки. Таа и по изглед и по големина се разликува од торбата „Луј Витон“.На 22 и 23 февруари ниту Јовановски ниту Милевски не биле во неговиот дом“, рече Рускоска.

Оваа снимка беше причина за бурна рекација на одбраната и на обвинетиот Јовановски.

За одбраната на Јовановски, снимката која ја пласираше Рускоска е незаконска и не може да биде доказ.

„Ако веќе Јавниот обвинител сметал дека тој доказ не е релевантен, сега на мала врата да се доставува тој доказ чисто јавноста да види што и како е вратено кај Камчев. Притоа да се вадат извадоци само од 21 февруари а не и од 22 февруари кога Јовановски тврди дека чантата е вратена, сметам дека е тотално незаконски“, изјави адвокатото Сашо Дуковски.

Бранителот на Јанева, адвокатот Дељо Кадиев изјави дека во текот на процесот нема докази кои го потврдуваат обвинението против неговиот клиент.

„Веруваме дека нема ниту еден доказ со што се потврдува обвинителниот акт. Не браниме ништо што не е одбранливо“, истакна Кадиев и додаде дека ќе даде повеќе детали и образложенија возавршните зборови.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски кој се товари за за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење на пари“ за кои Кривичниот законик предвидува казни од една до десет години затвор и Катица Јанева која пак се товари за злоупотреба на службената положба и овластување за кое минималната казна е три години затвор. Третообвинетиот Зоран Милевски ја призна вината уште на првото рочиште и доби три години затвор.

Судскиот процес продолжува во понеделник кога одбраната на Јовановски и Јанева ќе ги дадат своите завршни зборови а потоа треба да се закаже датум кога ќе се соопшти пресудата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG