СКОПЈЕ - „ Испадна дека само Катица Јанева треба да одговара. Ви стојам на располагање. Ако треба обвинителката Катица Јанева, која во четири години ги обвини сите што треба да одговараат, нека одговара. Ние сме првите кои обвинивме високи функционери, Ако така ќе дојде правдата, тогаш и јас сум задоволна. Да знаете вие што се знам јас од тие фајлови за многу луѓе, немаше јас овде да бидам. Ниту еден збор или информација не излезе од СЈО“, кажа екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, во својот исказ на денешното рочите во судскиот процес за случајот „Рекет“.
Таа смета дека случајот е монтиран, нема докази и се темели врз еден исказ а крајната цел еОрце Камчев да биде ослободен од обвиненијата. Во своето обраќање пред судскиот совет таа кажа дека никогаш не зела пари од никого и во ниту еден момент не дозволила Камчев да биде во привилегирана положба.
„Оваа постапка е монтиран случај, не само против мене, јас сум таргетот, туку најважно е СЈО. Хајката што се водеше против СЈО е монтирана само од страна на Орце Камчев. Има само шпекулации и негов исказ..Но, се излажал, сите 170 предмети со 92 милиони евра замрзнат имот му се предадени на јавното обвинителство “, рече Јанева.
Според Јанева, Камчев знаел дека е прислушуван и затоа не откривал ништо во телефонските разговори. Исто така тој имал инфромација и дека СЈО ќе врши претрес во рамките на истрагата за слулајот „Империја“ и затоа му ги дал телефоните на сега веќе осудениот Зоран Милевски- Кичеец за да ги уништи.
„Од сведочењето на Камчев во оваа судница дознав дека тој дознал дека е прислушуван од Васил Димишков, кој не го знам лично. Обвинителката Стефанова рече дека добила искази од други лица, не од Камчев Орце, тој ништо не зборувал на телефон зашто знаел дека е прислушуван, и дека смета оти треба да отвориме истрага за „Империја“. Камчев многу сакаше да им се исповеда на неговите миленички кои беа прислушувани “, рече Јанева.
Таа потенцираше дека сеуште има полна доверба во својата колешка Лиле Стефанова и дека ја смета за врвен професионалец.
Таа праша зошто нема одговорност од Врховниот суд кој според неа ја запрел работата на СЈО.
„ Веднаш знаев дека сакаат да не уништат и нема да ни дозволат да работиме. А сега ми е јасно зошто беше тоа начелно правно мислење на Врховниот суд. Ниеден од тие предмети не мрднал од мртва точка, ниеден. СЈО го затворија, а јас, еве сум во суд.Врховниот суд ги ослободи и од куќен притвор сите од ‘Империја’. И до ден денешен никој не одговара за тоа”, рече Јанева.
За неа е спорно што ниту еднн истрага или предмет не се финиширани и го потенцираше предметот „Имеприја“ кој според неа веќе бил готов.
Во својот исказ таа нагласи дека Камчев нема привилегирана положба и дека не земала пари од никого.
Околу однонсот со Бојан Јовановски ги повтори речиси истите детали како и Јовановски, дека не разговцарале за истраги туку за мода и приватни работи. За мебелот зпаленет во нејзиниот дом тврдеше дека дала пари.
Бранителите на Јанева, адвокатите Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев, сметаат дека станува збор за монтиран предмет за кој нема докази и затоа очекуваат ослободителна пресуда за нивниот клиент.
„Денеска ја слушнавте вистината. Нема обвинителството никакви докази, и очекуваме ослободителна пресуда“, рече Фрчкоска.
На ова се надоврза и бранителот Кадиев за кого нема доказ дека неговиот клиент примил 50 илјади евра.
„На доказот не се гледа ниту колку пари има, ни дали воопшто се пари. Не може да се види што има на масата“, изјави Кадиеви додаде дека исказите на Орце Камчев кои се однесуваат на торбата не се точни бидејќи таа според него би тежела тежела 25 килограми и не би моѓела со леснотија да се носи.
Обвинителката Вилма Рускоска изјави дека Јанева нанела срам на обвинителството и поради од нејзина страна но и од страната на други обвинители постои антагонизам кон неа.
„Факт е дека поранешната колешка примила 50 илјади евра од Бојан Јовановски, што апсолутно не е дозволиво за ниту еден обвинител. Воопшто не битно дали тие потекнуваат од брачната двојка Камчеви или од некое други лице. Главно, примила пари што не е дозволиво по закон“, изјави Рускоска
Таа ги отфрли тврдењата на Јанева и бранителите и нагласи дека обвинението се темели на докази, и материјални и од сведочење на поранешни колеги на Јанева а не врз исказ на еден сведок.
„ Обвинителството со кое раководам за ниту еден предмет нема да поднесе обвинение само врз база на исказ на еден сведок или оштетен“, рече Рускоска и додаде дека сите предмети на СЈО сеуште се наоѓаат во просториите на тоа Обвинителство и по нив постапуваат истите обвинтели.
Со исказот на Јанева заврши доказната постапка и судскиот процес се ближи кон финишот и носењето на пресуда. Процесот продолжува на 19 и 20 мај кога обвинителството и одбраната ќе ги дадат своите завршни зборови
Facebook Forum