Линкови за пристапност

Боки 13: Торбата „Луј Витон“ му беше вратена на Орце Камчев


Во својот исказ Јовановски кажа дека со Јанева често разговарал за приватни работи но не и за „Империја“, го обвини екс премиерот Заев дека го излажал декa e следен од странски служби а за обвинителката Рускоска тврдеше дека доаѓала во неговата канцеларија во „1ТВ“

СКОПЈЕ - Снимките од домот на Камчев се монтажа, торбата „Луј Витон“ беше вратена во неговиот дом, „Рекет“ е случај кој е конструиран за да се спаси Камчев од „Имеприја“, експремиерот Заев ме излажа дека странски разузнавачки служби ме следат мене и Катица Јанева, обвинителката Рускоска неколку пати беше мој гостин и бараше да испраќам новинари пред Обвинителството, Јанева е чесна и никогаш не ми давала информации за „Империја“ и со неа разговарав на други теми, меѓудругото и за љубов....

Ова се само мал дел од тврдењета кои денека ги изнесе првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски - „Боки 13“, во неговиот повеќе часовен исказ кој заврши попладнево со најава дека тој ќе почне да се бави со политика и дека пред судскиот совет стои идниот лидер на државата.

Јовановски тврди дека торбата „Луј Витон“ во кој според обвинителниот акт имало еден милион евра никогаш не била кај него и дека неколку дена подоцна таа била вратена во домот на Камчеви. За снимките од видео надзорот во домот на Камчеви на кои јасно се гледа како тој и сега веќе осудениот Зоран Милевски - Кичеец заминуваат со торбата, Јовановски тврди дека се монтажа. Тој потврди дека дента бил во домот на Камчев но пари не видел ниту пак ја допрел торбата. Два дена подоцна таа му била вратен

„Од Орце Камчев не може да земеш 50 денари а камо ли еден милион евра. Јас таа торба ја немам допрено. На 22 торбата му е вратена и тоа го има на снимките од безбедносните камери. Јас никогаш не ја допрев а дека имало пари во неа дознав на судкиот процес“, рече Јовановски.

Тој тврдеше дека за случајот „Рекет“ дознал од експремиерот Зоран Заев кој го предупредил дека е следен од странски разузнавачки служби и дека мета била и екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, второобвинета во случајот.

„На 3 април гостуваше Заев во телевизијата. По емисијата разговаравме во мојата канцеларија и ми кажа дека и мене и Катица нè следеле странски служби. Ме уплаши и изманипулира дека странски обвинител имал сè за мене. Жал ми е што не се вештачи мојот мобилен да се види целата комуникација со Заев, но и со Оливер Спасовски кому му пријавив дека Орце ме снима. Она што е важно да се знае за овој предмет е дека обвинителката Вилма Русковска уште во јануари комуницирала со Камчев. Камчев ми кажа дека ангажирал адвокат близок со Вилма Русковска. Со овој предмет се тргуваше и Катица Јанева беше жртва на уцена, и беше кажано или ќе дадеш оставка или се случи ова “, кажа Јовановски.

Односнот со екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, го опиша како пријателски а неа како чесен човек. Тврдеше дека таа му дала пари за мебелот кој беше запленет во нејзиниот дом и дека никогаш не му давала информации за истрагите туку напротив зборувале за мода и љубов. Според Јовановски таа е жртва на монтиран обвинителен акт и желба на обвинителката Рускоска да биде на нејзината позиција.


„Катица Јанева е народна жена, исклучително чесна, професионална, жена каква немам видено во светот на медиумите каде што сум видел разни профили на луѓе. Со неа сум разговарал ми за мода, семејни работи, љубовни работи. Таа немаше предрасуда за мојата сексуална определба. Ние имавме премиер кој ме нарече педер“, рече Јовановски.

Тој објасни дека на првата средба дознал од Јанева дека нејзиниот син Лазар е правник и невработен и потоа го вработил во телевизијата „1ТВ“.

Во исказот тој тврдеше дека имал средби и со обвинителката Рускоска и тоа во неговата канцеларија во телевизијата и дека добивал пораки од неа кога имало распит за да испрати новинари пред зградатра на Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Јовановски нагласи дека случајот „Рекет“ креиран од Камчев за тој да се спаси од „Империја“ а Зоран Милевски ја имал улогата на агент провокатор.

„„Рекет“ е направен за спас на Јордан Камчев, за рушење на Специјалното јавно обвинителство, зашто им сметаше и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“, рече Јовановски.

Обвинителката Вилма Рускоска го оцени изказот на Јовановски како невистина бидеји тврдењата не биле поткрепени со докази.Во делот на тврдењата дека торбата била вратена на Камчев таа појасни дека има докази кои го потврдуваат спротивното.

„Од целиот исказ на Јовановски во најголем дел тоа што го кажа не е вистина. Никогаш во јавност не протекувале информации од предмети што се воделе во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. За торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милевски ја земал и после 2-3 дена кога Милевски ја вратил, во анализата на неговиот телефонски уред има слика, точно локација каде што живеат родителите на Јовановски, точно време, торбата е внатре и имаме и време и локациски и е нешто што се совпаѓа со тоа дека од кај Камчев торбата завршува во куќата каде што живеат родителите на Бојан Јовановски. Тој доказ беше и презентиран и доставен до судот, рече Рускоска.

Бранителот на Јованоски, адвокатот Сашо Дуковски, истакна дека е задоволен од исказот на својот клиент. Тој ја негираше Рускоска околу доказите дека тобата со еден милион евра завршила во домот на родителите на Јовановски.

„ Одговорно тврдам дека таква снимка не постои. Нема вештачење ниту на снимката што ја виде половина Европа, нема вештачење на мобилниот телефон. На што се заснова ова обвинение, на исказ на човек којшто има интерес да биде ослободен од друга кривична постапка. По начинот како е поставено обвинението, истиот тој сведок можел да рече дека им дал на обвинетите 150 милиони евра. Ние видовме неколку лепени делови од фрагментарни снимки, коишто повторувам не се извештачени“ , рече Дуковски.

Тврдењата на Јовановски ги отфрли како невистина и експремиерот Зоран Заев.

„Не сакам да коментирам такви изјави бидејќи се неточни. Секако секогаш со секој човек што сум се гледал сум апелирал на законско работење и тоа денеска го потврдувам. Јас не негирам дека сум имал средби со Бојан Јовансковски во телевизијата, како и сите други кога биле гости. Секогаш сме коментирале одредени сутуации, општествени, какви било, но ако некогаш сум искоментирал дека некој може да прави незаконско дејство или има индиции, нешто сум наслушнал, јас тоа секогаш сум го кажувал заради тоа што законите мора да важат еднакво за сите“, рече Заев.

Судскиот процес продолжува утре кога својата одбрана ќе ја даде второбвинетатата Катица Јанева.
Судењето за случајот „Рекет”, почна во декември минатата година. На првото рочиште второобвинетитот Зоран Милевски – Кичеец ја призна вината и беше осуден на три години затвор а пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG