Линкови за пристапност

Хуман кавадарчанец - досега донирал над 250 компјутери


Хуман кавадарчанец - досега донирал над 250 компјутери
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Хуман кавадарчанец - досега донирал над 250 компјутери

Борче Стаменов од Кавадарци е хуман граѓанин, кој досега успеал да донира околу 250 компјутери на сиромашни граѓани од целата држава. Само во овој приод на пандемија поделил шеесеттина компјутери на деца кои немаат можност да следат он лајн настава.

Повеќе од двесте и педесет компјутери за само четири години донирал Борче Стаменов од Кавадарци, во најголем дел на сиромашни семејства или пак на лица од социјален ризик. А, идејата се родила сосема спонтано. Во фирмата во која што работи многу од клиентите на кои откако ќе им застареле компјутерите ги оставале кај нив. Но тој дошол до идеја што со нив.

„Дојде една жена да ми бара половен компјутер бидејќи кај нас во фирмата се занимаваме со такви работи. Имаме наш книговодствен програм кој го изработуваме. Жената дојде и си побара и тоа беше како клик кај мене, зошто да не почнам со такви работи. Првите десет - дваесет компјутери ги дадов од слушнат муабет од роднини за социјално загрозени семејства кои ги има“ вели Борче Стаменов, донатор на компјутери.

Не гледам причина зошто би застанал со ова што го правам. Јас искрено се надевам дека некој ден ќе нема на кој да му донирам
Борче Стаменов


На социјалната мрежа Фејсбук веќе има своја фан страна насловена како „Донирај компјутер“. Вели сега е полесно, бидејќи оние кои имаат и кои сакаат да помогнат сами го наоѓаат.

„Доста фирми се појавија кои слушнале за тоа и донираат своја опрема. Физички лица исто така има безброј. Донации стигнуваат од сите страни. Гледам да координирам, да не ни се собираат многу, односно да имам толку колку што во наредните две недели би можел да ги сработам и да ги пратам“ вели Стаменов.

Од почетокот на вонредната состојба, донирал шеесеттина компјутери на деца кои немале можност да следат он лајн настава. Вели дека не застанува со оваа хумана мисија.

„Во овој период е доста зголемен интересот. Има доста луѓе кои ме контактираат на страната секојдневно. Не гледам причина зошто би застанал со ова што го правам. Јас искрено се надевам дека некој ден ќе нема на кој да му донирам, но здравје до тогаш ќе гледам да помагам колку што можам“ објаснува Стаменов.

Гласот на Америка: Дали се чувствуваш како херој на ова време?

„Не. На некој што гледа од страна можеби му се чини дека ова е нешто вау, но тоа е единствено совест, да сакаш да помогнеш без да добиеш нешто назад“ одговори тој.

Донирал и во мали групни домови за деца без родители но и на организации кои се занимаваат со заштита на лица жртви на семејно насилство или бездомни лица.

Ова е единствено совест, да сакаш да помогнеш без да добиеш нешто назад
Борче Стаменов


Борче вели дека секој слободен момент го користи за селекција на компјутерите со кои располага, нивна поправка или инсталирање на потребните програми, бидејќи до крајните корисници тие стигнуваат како готов производ.

XS
SM
MD
LG