Линкови за пристапност

Граѓаните невнимателни, ќе се бара казнување за неносење на маски да почне веднаш


Дали ќе има карантин и следниот викенд зависи од дисциплината на граѓаните Сеуште е рано за отварање на градинките и училиштата. Досега оздравени 500 заболени пациенти. Куамновскиот градоначалник се соочува со парична казна бидејќи го напуштил домот без дозвола

СКОПЈЕ - Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе бара од Владата казнувањето за неносење на заштитни маски да почне веднаш а не од почетокот на идниот месец, како што што првично беше најавено. Ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес конференција а причина за тоа е како што вели е што многу граѓани вчера и завчера биле на отворено без да ги почитуваат препораките на Владата. Казната за неносење на заштитна маска, шал или марама е 20 евра.

„Се почести се сликите од граѓани кои не ја почитуваат мерката од носење на заштитна опрема. Се забележува дека некои граѓани ја носат маската под брадата или во рака. Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе достават предлог казните за неносење на маски да почне веднаш или најкасно во вторник. Сакам повторно да апелирам дека мерката мора да се почитува и да се носи маската како што е пропишано.Секако дека има граѓани кои ја почитуваат одваа мерка свесни дека оваа е една од клучните мерки за борба со пандемијата. Оваа мерка има оправданост и ќе не заштити ќе превенира раст на број на заболени. Бројката на заболени е процес кој веќе два месеци го држиме одлично под контрола“ изјави Филипче.


Тој додаде дека во зависност од тоа како ќе се однесуваат граѓаните и дали ќе носат заштитни маски ќе биде донесена одлука дали и следниот викенд за првомајските празници, повторно ќе има карантин на територијата на целата држава.

Според министерот, училиштата и градинките ќе останат затворени.

„ Сеуште е рано за разговори да се отворат градинките и училиштата. Тоа што ги разлабавуваме мерките за движење не е генерално разлабавување на мерките“, објасни Филипче.

По се погласните информации за лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски во текот на идниот месец и евентуално одрѓување на предвремените парламентарни избори во јуни, министерот кажа дека досега не е разговарано на таа тема. Тој смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се изборите.

„Во ниеден момент од почеток на епидемијата заради тоа што и тогаш беа актуелни изборите, па се одложија, не сме го дискутирале ова, ниту пак сега го дискутираме. Се уште сме фокусирани на борба со епидемијата. Вака како што се поставени работите во овој момент како сметаме дека значително се растегна епидемиолошката крива. Се уште сме во фаза во која што сите капацитети и болнички во нашата земја, на матични лекари исто така се на еден начин во приправност, во смисла на тоа и одложување на хроничните случаи“, рече Филипче.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе биде парично казнет бидејќи го напуштил својот дом и заминал за Скопједа се тестира на присуство на коронавирус. Тој е во домашна изолација од 16 април кога беше соопштено дека е позитивен на коронавирус.

„Направен е прекршок непостапување по решение, односно истите го напуштаат местото на престој. Тоа е казниво, ќе се изрече прекршок по Закон за заштита на население од заразни болести, истото изнесува парична казна од 300 до 600 евра во денарска противвредност“, изјави Иринка Сотирова Бухова – директорка на државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ).

Димитриевски во четвртокот соопшти дека повторно се тестирал и дека е негативен на коронавирус и обвини за задкулисни игри. Тој најави дека во текот на денот ќе го соопшти својот став околу тврдењата на Бухова.

ДЗСИ направил два вонредни надзори во Куманово, во итната помош, Инфективното одделение и кај матичните лекари и утврдил низа пропусти. Епидемиологот го тестирал градоначалник и членовите на Кризниот штаб во два наврати и тоа во просториите на општината и тестирањето го завел како скрининг со што била прекршена процедурата и протоколот. Исто така најдени се пропусти и при транспортирањето на Димитриевски до Скопје, со возило на Итната помош и работењето на локалните доктори на Инфективното одделение во Клиникиот центар.

„И двете тестирања се заведени како скрининг. Ова е прекршок на член 27 од Законот за заштита на населението од заразни болести, кој вика дека скрининг не може да се изведе без дозвола на министер. Вториот прекршок што е констатиран е дека брисевите се земени во Општина Куманово, што е сосема спротивно на протоколите. Брисеви на лица сомнителни со индикација и епидемиолошка анкета или со појава на симпотми, исклучиво се земаат во простории на овластениот Центар за јавно здравје“, рече Бухова.

Во последните 24 часа, рекордни 126 граѓани заболени од коронавирус, кои беа на домашно лекување, по втор пат се негативни на тестирањето и се водат како оздравени. Вкупната бројка на излечени лица е 500.

„Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 126 оздравени пациенти. Во Куманово - 72, во Скопје дваесет и две лица, деветнаесетминаво Струга, шестмина во Велес, тројца гевгеличани и по еден пациент кој бил на домашно лекување во Охрид, Штип, Кавадарци и Крива Паланка“, стои во соопштението на министерството за здравство.

Во последното деноноќие пак регистрирани се две жртви и 19 новозаболени. Двете жртви се пациенти во Градската болница „8 Септември“. Станува збор за жена од кумановското село Липково која има 49 години а е хоспитализирана на 3 април и веднаш поставена на респиратор како и 73 годишен пациент од Скопје кој бил примен на 19 април во многу тешка општа состојба.

Во моментов хоспитализирани се 100 пациенти а 12 се приклучени на респираторна машина.

На Инфективната клиника има 62 пациент од кои 25 се со потешка слика и на кислородна поддршка а петмина се на респиратор. Во Градската болница „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 29 пациенти од кои седуммина се приклучени на респиратпори а пет се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се лекуваат 7 пациенти од кои еден е во тешка состојба и на кислородна поддршка а во штипската болница има двајца пациенти.

Во последните 24 часа најмногу нови случаи се реагистрирани во Куманово - 7 а вкупната бројка на заболени во државата е 1.386 лица.

Гледано по градови, најмногу заболени има во Скопје - 471а потоа е Куманово каде сега има 371 заболени. Во Прилеп има 141 заболени, во Тетово има 73 случаи, воВелес - 66 а во Струга има 64 заболени. Во Дебар бројката не е изменета - 51 случај. Во Источна Македонија град со најмногу заболени е Штип каде се регистрирани 34 случаи и Кочани каде има 28 заболени. Двоцифрен број на заболени има во уште два града, Битола каде 19 лица се позитивни на коронавирус, Охрид со 15 заболени и Гостивар каде засега има 15 регистрирани случаи.

Во изминатото деноноќие направени се 335 теста,а досега во земјата се направени вкупно 15.120 тестирања на Ковид -19.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG