Линкови за пристапност

Полицискиот час скратен, од утре задолжително со маски во банки, маркети и на пазари


Задолжително држење на дистанца на отворено и без групирање. По тестирање во карантин до добивање на резултати. За отварање на училишта и градинки ќе се разгледува по празниците. Членовите на Владата во изолација допрва ќе се тестираат.Осуммина од Клиниката за Онкологија позитивни на коронаирусот

СКОПЈЕ - Владата го скрати полицискиот час во текот на работната недела и викендите и го зголеми времето кое граѓаните можат да го минуваат надвор, но од друга страна пак донесе нов сет на мерки со кои е задолжително носење на заштини маски, марами или шал во затворени простории како што се банки, маркети, пошти, чекални, јавен превози пазари.

Од утре полицискиот час ќе трае од 19 до 5 часот наутра во текот на работната недела а во викендите од сабота од 15 часот до понеделник наутро. Граѓаните над 67 години ќе може да го напуштата својот дом во периодот од 1 часот до пладне а малолетниците од 13 часот па до почетокот на полицискиот час. Во викендите за постарите граѓани е дозволено движење од 5 до 11 часот а за малолетниците од 12 до 15 часот.

Премиерот Оливер Спасовски нагласи дека намалувањето на рестриктивните мерки никако не смее да значи опуштање и неодговорно однесување на граѓаните туку напротив погидање на свеста и зголемување на одговорноста.

„Меките мерки предвидуваат зајакната индивидуална одговорност со цел заедничка борба за колективно здравје. Да бидеме одговорни, да ги почитуваме мерките кои штитат од коронавирусот. Почитувањето како и зајакнатата имплементација на меките, лесните мерки, ќе овозможи контрола на ширењето на вирусот и заштита на граѓаните од изложеност на заболени лица“, потенцираше Спасовски и додаде ддека досегашните мерки дале резултати а тоа е гледа преку бојката на заболени но и фактот што три дена по ред има повеќе оздравени пациенти отколку нови случаи.

Втората одлука на Владата се однесува на носењето на заштитни маски, марами или шалови во затворени простории или на отворени места каде што не може да се одржи оддалеченоста од два метри.

„Многу е важно секој од нас да разбере и да почитува, при секое излегување надвор, строго да се придржуваме до мерките за лична заштита, да носиме заштита за лицето, односно носот и устата, маска, марама или шал, да држиме физичка дистанца од 2 метри и да не се групираме затоа што само така го штитиме сопственото и јавното здравје“, рече премиерот.

Уште една мерка на Владата е дека секој граѓанин по извршено тестирање за присуство на коронавирус ќе мора да седи во изолација се додека не ги добие разултатите. Со тоа ќе се избегне ситуацијата во Куманово каде градоначалникот имаше средба со премиерот Спасови и тројца министри од неговиот кабинет неколку дена откако се теститрал и ден пред да се открие дека тој е заболен. Поради тоа премиерот Спасовски, министрите Венко Филипче, Арбр Адеми и вицепремиерот Бујар Османи се во двонеделен карантин и работат од своите домови. Тие сеуште не се тестирани бидејќи се чека инкубацискиот период да биде подолг од седум дена.

„Не, уште не се завршени тестирањата заради тоа што не е поминато доволно време, очекуваме седмиот или осмиот ден доколку имала евентуална инкубација да биде регистриран позитивен тест така да во смисла на тоа да се избегнат непотребни тестирања, ќе почекаме соодветна препорака да дадат епидемиолозите. Но досега не сме се тестирале“, објасни министерот за здравство Венко Филипче.

Околу рестартирањето на образовниот процес и полагањето на државната матура премиерот Спасовски информираше дека одлуката за матура е во напредна фаза без да прецизира детали додека конкретни одлуки за работата на училиштата и градинките ќе бидат донесени по првомајските празници.

„Очекувам дека многу скоро пред Владата ќе се изнесе предлог за кој ќе дискутираме и секако дека Владата ќе го донесе најдоброто можно решение за средношколците. Не можам во овој момент, ниту јас или некој член од Владата, да кажеме дали треба да се вратат учениците во училиштата, децата во градинките, дали треба одеднаш вака да се ослободат сите рестриктивни мерки. Тоа ќе го анализираме, почнуваме дебата на различни нивоа во институциите на власта и врз основа на тоа ќе ги донесеме одлуките. Важно е дека одлуките ќе бидат донесени најдобро што можеме за доброто на граѓаните и за заштита на нивното здравје“, рече премиерот Спасовски.

Министерот Филипче пак потврди дека на Клиниката за Онкологија се заболени тројца доктори, три медицински сестри и двајца болничари а 20 вработени се ставени во изолација и додаде дека е направена реогранизација за да нема застој во работењето.

„Засега нема симптоматски од тие контакти, работата е целосно во функција. Направена е реорганизација таму каде што е потребно и дополнително на сето тоа до петок ќе биде спремен и новиот распоред за дисперзирано делење на субкутаната терапија. Тоа е таа терапија која што може да се дава и по Клиничките болници, распоредот на пациенти е веќе направен и таа терапија ќе се дели во Штип, Битола и во Тетово како најголеми болнички установи, заради тоа што таму има и онколози коишто може да го контролираат давањето на терапија, а пациентите нема да мора да патуваат до Скопје. Во петок или најкасно во понеделник таа терапија ќе биде поделена во овие болници“, информираше министерот Филипче.

Една жртва, 28 новозаболени и 48 оздравени пациенти е билансот од епидемијата на коронавирусот во последното деноноќие во државатаа. Починатиот пациент ескопјанец на 51 годишна возраст кој бил хоспитализиран во Градската болница „8 Септември“ на 9 април во многу тешка состојба и оттогаш бил поставен на респираторна машина.

„Расте бројот на излекувани пациенти и тоа е факт кој охрабрува и претставува дополнителна мотивација, најмногу за здравствените работници кои работат во болниците, меѓутоа и за матичните лекари кои што ги водат пациентите на домашно лекување. Денеска со два негативни теста се регистрирани 48 излекувани пациенти - шестмина лечени во болнички услови, 42 на домашно лекување“, изјави министерот Филипче.

Тој соопшти дека на Инфентивната клиника доброволно престојува кардиологот Игор Балески, од Универзитетската болница во Марибор со огромно искуство во третман на пациентите на интензивна нега.

„Тој е кардиолог, меѓутоа сметавме дека неговото искуство во третман на овие пациенти ќе помогне и при третманот на нашите пациенти на Инфективната Клиника. Тој се понуди да дојде и сега две недели практично со отсуство од Словенија ќе волонтира, ќе работи со нашите колеги. Денеска за првпат престојуваше на Инфективната Клиника. Сакам да изразам голема благодарност до колегата и уверен сум дека неговиот придонес во оваа ситуација навистина ќе биде од големо значење и за пациентите и за членовите на медицинскиот тим на Инфективната Клиника“, рече Филипче.

Со последните случаи бројот на заболени во државата е 1.259 заболени

Гледано по градови, најмногу заболени има во Скопје - 422 а потоа е Куманово, каде сега има 342 заболени. Во Прилеп каде епидемијата земав замав има 126 заболени, во Тетово и Велес има по 62 заболени. Во Струга има 55 регистрирани случаи. Во Дебар бројката не е изменета - 51 случај. Во Источна Македонија град со најмногу заболени е Штип каде се регистрирани 34 случаи и Кочани каде има 28 заболени. Двоцифрен број на заболени има во уште два града, Битола каде 17 лица се позитивни на коронавирус, Охрид со 15 заболени и Гостивар каде засега има 13 регистрирани случаи.

Во моментов хоспитализирани се 118 пациенти од кои осуммина се на респираторни машини. На инфективната клиника има 63 пациенти од кои 21 се на кислородна поддршка и 4 на механичка вентилација. Во Градската болница „8 септември“ има 43 пациенти. Со потешка клиничка слика се 8, а на респираторна машина се 4 пациенти. Во болницата во Битола се лекуваат 10 пациенти, а на домашно лекување се следат 14 лица. Во моментов во Штип се хоспитализирани 2 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 19 граѓани.

Во изминатото деноноќие направени се 660 теста, а вкупната бројка на направени тестирања за Ковид-19 е 13 илјади.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG