СКОПЈЕ -Две жртви и 36 нови случаи на заболени од коронавирус се регистрирани во последното деноноќие во Македонија.Станува збор за пацинетка од Куманово на возраст од 85 години и пациентка од Крушево која имала 77 години. Со ова бројката на починати сега изнесува 49 граѓани.
„Денеска во евиденцијата на ИЈЗ е регистриран и еден починат пациент од Лабуништа (Струга) кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори, а бил ковид позитивен. Пациентот починал пред 3 дена, за што неговиот матичен лекар денеска го информирал Институтот за јавно здравје“, соопштија од министерството за здравство.
Најмногу смртни се регистрирани во Куманово - 12 а во Струга досега има 11 жртви но најголемиот дел од нив се од едно жариште, селото Лабуништа. Осум жртви досега се регострирани во Скопје а во Дебар бројката е четири лица.
Статистиката покажува дека највисок процент на заболени по глава на жител има во Дебар - 0,74%, Куманово со 0,33% и Струга со 0,27%. ВО Скопје, најголемиот град по бројка на жители но и заболени лица проценото изнесува 0,07.
Според Институот за јавно здравје, најголем дел од жртвите, дури 73 отсто се лица на возраст над 60 години а 65 отсто се мажи. Анализите покажуваат дека граѓаните над 40 години се први на удар на вирусот. Од вкупниот број на заболени во државата, 18,2 отсто се на возраст од 40 до 50 години, 22,1 отсто се на возраст од 50 до 60 годиниа 20,9 отсто се пациенти кои се над 60 годишна возраст.
Во моментов хоспитализирани се 99 пациенти од кои 12 се приклучени на респираторни машини.
На Инфективната клиника во Скопје примени се 5 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 54 пациенти од кои 18 пациенти се на кислородна поддршка, а 5 пациентина механичка вентилација. Во Градската болница „8 ми Септември“ примени се 7 нови пациенти со што бројката изнесува 37 пациенти. Од нив 10 се со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени 7 пациенти.
„Денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести си заминаа 11 пациенти, двајца од болницата во Дебар, а регистрирани се и 5 оздравени пациенти , 2 од Кочани и 3 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот“, информираат од министерството.
Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1.117.Во последното деноноќие се тестирани 437 граѓани а вкупната бројка на тестирани лица е 10.859 со што сме на второто место во регионот.
„Од следната недела во функција се ставаат уште две лаборатории, во МАНУ и во Институтот за Судска медицина со што верувам дека значајно ќе се скрати времето на чекање на резултатот пред се поради веќе направениот распоред“ , изјави министерот Венко Филипче.
Денеска тој имаше видео разговор со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, како и состанок организиран од СЗО на кој се разменети мислења и ставови за тоа како се поставени здравствените системи и какви се плановите за понатаму.
„Заеднички е заклучокот дека оваа болест и после пикот на пациенти ќе продолжи да постои и нема да можеме целосно да ја елиминираме и веројатно ќе мора да има посебни делови од здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат позитивни на Ковид 19 и на пациенти кои нема да бидат, а се со цел да се испланираат капацитетите. Посебно гледајќи перспективно во периодот на периодот на есен или зима кога веројатно сите земји ќе се соочаат освен соодветен број пациенти заразени со Ковид вирусот и на пациенти со сезонски грип“,рече Филипче и додаде дека еден од главните заклучоци е поголемо вклучување на матичните лекари, со цел пациентите што повеќе да се задржат на примарно ниво, за болничките капацитети бидат слободни доколку биде потребна хоспитализација на пациенти со Ковид – 19.
Гледано по градови во Скопје се регистрирани најголем број на заболени лица - 389, во Куманово има 310 случаи а во Прилеп 103. Во Струга има 53 заболени, Дебар -51, Тетово - 48, Велес - 43, Штип - 32.
Во моментов кризни жаришта се Куманово и Прилеп каде што рапидно расте бројот на заболени но не и Скопје каде што бројките покажуваат дека епидемијата стагнира.
Велигденските празници граѓаните ќе ги минат во карантин откако Владата донесе на сила 85 часовен полициски час и забрана а движење на целата територија. Ова е прва ваква мерка од осамостојувањето на државата и ќе трае до вторник до 5 часот наутро. Претседателот Стево Пендаровски пак по вчерашната седница на Советот за безбедност одлучи Вонредната состојба да остане на сила уште 30 дена односно до 18 мај.
„Во изминатиот период добивав на дневна база информации. Вчера добив предлог за воведување нова вонредна состојба. Јасно е дека има потреба од нова одлука и неа ќе ја донесам во согласност со моите уставни ингеренции. Мерката ќе трае во наредните 30 дена. Јасно е дека уставотворецот не предвидел ваква ситуација – собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за воведување вонредна состојба, во ситуација кога пратениците земаат плата, што значи дека се со валиден мандат, ама собранието не заседава за да ја потврди мојата прва одлука за воведување вонредна ситуација и затоа, јас ја преземам одговорноста само затоа што имаме ситуација без преседан“, изјави претседателот Пендаровски.
На седницата на Советот не присуствуваа техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче кои се во самоизолација до вторник откако беше потврдено дека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, со кого вчера имаа неклку часовна средба и разговори, е позитивен на коронавирус. Освен нив, владата соопшти дека во изолација ќе бидат и министерот за образование Арбар Адемии државниот секретар во министерството за здравство кои исто така присуствуваа на состанокот.
Кризниот штаб во Куманово повторно побара од вторник да биде прогласена кризна состојба во Општината и градот да биде ставен во карантин а министерот Филипче соопшти дека конечната одлука ќе биде донесена на утрешната седница на Владата.
Во текот на изминатото деноноќие 83 лица не ја почитувале забраната за движење - полицискиот час, соопшти МВР. Приведени се 56 лица, а од останатите се земени податоци и ќе следуваат пријави до Обвинителството. Во последните 24 часа на 163 лица им се издадени решенија за изолација, а 47 лица потпишале изјави за самоизолација. Во полициските контроли на граѓаните во карантин и самоизолација утврдено е дека тројца не биле во своите домови. Според официјалните информации во моментов 1.105 граѓани се во карантин со издадено решение а 10. 414 се во самоизолација.
Facebook Forum