Линкови за пристапност

Лидерите на повеќе држави размислуваат за рестартирање на економиите


Американскиот претседател Доналд Трамп е меѓу оние кои најгласно зборуваат за рестартирање на економијата која е најголема во светот.

Лидерите на повеќе држави изразија желба повторно да ги отворат своите економии, но заедно со здравствените експерти предупредија дека треба да се внимава тоа да не се направи пребрзо за да не се ризикува повторно разгорување на инфекциите на оние места кои почнаа да го ставаат вирусот под контрола.


Германската канцеларка Ангела Меркел планира да дозволи повторно отворање на дел од училиштата на 4-ти мај, а слични планови имаат и други европски земји. Таа вели дека некои од продавниците можеби ќе отворат наредната недела.


Во Канада премиерот Џастин Трудо рече дека земјата се уште не е подготвена да ги намали рестрикциите. Ги замоли граѓаните да бидат трпеливи велејќи оти треба да почекаат уште неколку недели.

Американскиот претседател Доналд Трамп е меѓу оние кои најгласно зборуваат за рестартирање на економијата која е најголема во светот. Се очекува денеска да најави нови насоки иако здравствените експерти велат дека намалувањето на рестрикциите на почетокот на мај би било пребрзо и дека на крајот одлуките ќе бидат во рацете на гувернерите на сојузните држави.


Трамп денеска треба да учествува на видео конференција со другите лидери на Г-7 за да дискутира за координиран одговор на пандемијата.

Тој во средата беше критикуван од поранешниот претседател Џими Картер и од милијардерот Бил Гејтс за одлуката да го суспендира финансирањето на Светската Здравствена Организација (СЗО).

Картер испрати соопштение во кое вели дека „СЗО е единствената меѓународна организација способна да ги предводи напорите за контрола на вирусот“.

Гејтс, кој е голем финансиер на СЗО, рече дека одлуката е „опасна како и што звучи“.

САД се најголем придонесувач на СЗО со повеќе од 400 милиони долари во 2019-та што е околу 15% од вкупниот буџет.


Трамп ја обвини организацијата со седиште во Женева дека не успеала да обезбеди независни извештаи за потеклото на вирусот во кинескиот град Вухан и дека наместо тоа се потпирала на официјалните извештаи на Кина. Официјален Пекинг на почетокот се обиде да ги забошоти опасностите од новиот коронавирус. Трамп рече дека финансирањето ќе биде суспендирано до завршувањето на истрагата за начинот на кој СЗО се справува со кризата.

САД сега се најпогодена земја со над 640 илјади потврдени случаи на Ковид-19. Во светот има над два милиона инфицирани.

XS
SM
MD
LG