СКОПЈЕ - Шест пациенти починаа во изминатото деноноќие а регистрирани се 54 нови случаи на заболени од коронавирус, соопшти министерството за здравство. Станува збор за четворица пациенти на Инфективната клиника на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од струшкото село Лабуништа, еден пациент од Прилеп и еден од Куманово. Во Болницата „8 септември“ починаа 2 лица, пациент од Велес (67г) и пациент од Куманово (59г).
„Денеска имаме нови 42 лица оздравени од коронавирусот, се надевам дека овој број ќе продолжи брзо да расте. Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти,12 од Дебар и 20 од Скопје кои се лекуваа во домашни услови“, соопшти министерот Венко Филипче.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 57 пациенти од кои седуммина се во тешка состојба и се приклучени на респиратор а на 14 пациенти им се дава кислородна поддршка.
Во Градската болница „8ми Септември“ има 27 пациенти од кои шестмина се на респиратор. Во болниците во Штип и Битола се згрижени вкупно 13 пациенти кои се во стабилна состојба. Стабилна е состојбата и на двајцата најмлади пациенти заболени од коронавирусот, четиримесечно бебе и две и пол годишно дете.
Министерот Филипче соопшти дека е потврден пациент кој е вработен во лабораторија на Клиника за детски болести и е изолиран а четворица негови колеги се во изолација. Тој додаде нека нема ризик бидејќи е користена заштитната опрема и се запазени сите безбедносни протоколи.
Тендерот за набвака на респиратори е завршен, договорени се две фирми кои ќе испорачаат вкупно 31 респираторна машина. Седум ќе пристигнат во наредните седум дена а останатите во рок од еден месец.
Вкупната бројка на заболени во државата се 904 лица. Од нив 122 се здравствени работници од кои седуммина се веќе излекувани и се вратени на нивните работни места. Во последното деноноќие, најмногу нови случаи се регистрирани во Куманово - 25, во Скопје се 13, во Прилеп 10 а регистриран е и првиот случај во Кичево.
Според информациите на надлежните за 24 часа направени се 711 теста а досега се тестирани на 9.200 лица.
Тестирањето покажа дека нема заболени затвореници и персонал во затворото „Скопје“ во Шуто Оризари.
Кумановскиот градоначалник денеска побара од надлежните во градот да се прогласи двонеделен карантин кој би почнал од петок и прогласување на кризна состојба, како начин да се сопре ширењето на заразата во градот.
Министерот Филипче пак соопшти дека бројките се очекувани и дека станува збор за примарни контакти на веќе потврдени случаи и доколку се откријат новозаболени кои не се во веќе детектираните кластери тогаш би се размислувало во таа насока.
Куманово е градот со најголем број на жртви од коронавирусот, првиот случај беше откриен на 21 март и за само три недели веќе се потврди дури 236 заболени лица.
Над три илјади македонски државјани досега се вратиле назад со посредство на Министерството за надворешни работи (МНР).
„До сега во организација на МНР е направена репатријација на 3.032 наши државјани. Од нив, 2020 се репатрирани од 13 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија, Швајцарија, Велика Британија, Белгија, Франција, Шведска, Данска, Холандија и Италија) на летовите од 15 градови: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, Базел, Лондон, Брисел, Париз, Стокхолм, Копенхаген, Ајндховен и Венеција), а 214 граѓани со 4 хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и Турција“, соопштија од МНР.
На 573 наши државјани МНР помогнало со насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана а за 149 државјани било посредувано да добијат дозвола да ја минат границата на Република Србија.
„Овозможивме репатријација и на повеќе од 759 странски државјани кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Велика Британија, Германија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово и Малезија“, додаваат од МНР.
Двесте и педесет лица во изминатото деноноќие биле упатени во изолација или пак доброволно заминале во самоизолација, соопшти МВР.
„Во текот на изминатото деноноќие на 109 лица им се издадени решенија за изолација, а 140 лица потпишале изјави за самоизолација. Притоа, во рамки на редовните полициски контроли кај лица во изолација и самоизолација не се евидентирани лица кои не ги почитувале овие мерки“, соопштија од министерството.
Во однос на полицискиот час оттаму додаваат дека во последните 24 часа 98 лица не ја почитувале забраната за движење.
Facebook Forum