СКОПЈЕ - Лидерите на двете најголеми политички партии од македонскиот блок, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, не се заболени од коронавирус покажале тестирањата но тие ќе останат во самоизолација уште седум дена. Тие минатата недела беа во контакт со новинар од национална телевизија кој вчера беше хоспитализиран во Градската болница „8ми Септември“ и за кого е потврдено дека е заболен од коронавирус.
„Се продолжува согласно препораките кои важат за сите, дополнителна самоизолација во траење од една недела од денешниот ден, поради вкупниот период на инкубација од две недели од контактот со заболението“, објасни министерот Филипче и додаде дека сите кои имале контакти со нив не се во ризик и не треба да се тестираат или изолираат.
По реакциите во јавноста дека двајцата политичари се експресно тестирани а граѓани со денови чекаат да им биде земен брис, Филипе кажа дека тие биле приоритетни поради големиот број на остварени контакти.
„Тие се експонирани многу во јавноста, имаат интензивни контакти со многу луѓе, со претставници на институциите, претседателот Заев со министри во Владата. Сакам јасно да кажам дека тука не станува збор за политички приоритети, туку за заштита на државните интереси за зачувување на функционалноста на институциите, посебно во вакви моменти во криза. Тоа се луѓе коишто имаат интензивни контакти и комуникации и со претставници на медиумите коишто се еден од нашите најсериозни и најголеми партнери во оваа битка која ја водиме против коронавирусот и во таа смисла една од целите беше да се заштитат и претставниците на медиумите, но и вработените во институциите каде што и двајцата лидери често настапуваат, гостуваат и даваат интервјуа“, рече министерот Филипче.
Од матичната куќа на новинарот пак соопштија дека целиот тим кој бил со него во неделата, последниот ден кога се појавил на работното место, е ставен во самоизолација.
Во изминатото деноноќие се регистрирани 48 нови случаи на заболени од коронавирус со што вкупната бројка се искачи на 711 лица.
„Во последните 24 часа се направени рекордни 496 теста и досега вкупно се тестирани 7.067 граѓани. По градови, најмногу нови случаи има во Куманово - 25 но тоа се долѓи на фактот што се тестирани примарни контакти на веќе заболени лица. Во Скопје има единаесет нови случаи, шетири во Прилеп, три во Струга, два во Гостивар и по еден во Тетово, Штип и Охрид“, информираше министерот Филипче.
Најмногу заболени има во Скопје - вкупно 284 а потоа следи Куманово каде само за дваесетина дена се ртегистрирани дури 168 случаи. Меѓу нив се и 24 лица од кумановската Клиника а во овој град се регистрирани и најголем број на жртви - 9.
Денеска од Инфективната клиника се пуштени тројца пациенти кај кои двата последователни теста биле негативни.
Во моментов на Инфективната клиника има 66 пациенти од кои осуммина се приклучени на респиратори со тешка форма на болеста. Во Градската болница „8 ми Септември“ е хоспитализран 21 пациент а шестмина се приклучени на респиратори.
Во истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари се врши масовно тестирање на притворениците, осудениците и затворскиот персонал откако еден притвореник кој почина завчера постмортем беше дијагностициран со коронавирус. Тоа предизвика револт кај притворениците и осудениците кои бараат да се зголеми нивната заштита и безбедност но и кај персоналот кои бараат заштитина опрема. Од затоврската управа потврдија дека имало тензија но не дошло до нарушиување на редот во установата.
„ Денеска, во истражниот затвор во Шутка се испратени засилени медицински екипи на здравстениот дом кои ќе направат прегледи и ќе земат брисеви од сите кои престојувале во истото одделение со починатиот, а прегледани и тестирани на Ковид -19 ќе бидат и вработените во одделението“, соопштија од министерството за здравство.
Според првичните инфoрмации тестирани се цимерите од ќелијата на починатиот притвореник, притворениците од одделението во кое тој бил сместен и затворските слуѓбеници кои боле во директен контакт со него. За утре се најавени уште триесетина тестови како и резултатите од денешните брисеви.
Она што е познато е дека починатиот бил притворен на 8 ми март и не е познато дали се заразил надвор или во затворот „Шутка“.
Пред неколку часа на територијата на целата држава стапи 61 часовен полициски час. Граѓаните имаат забрана за движење и ќе останат во своите домови до понеделник наутро. Министерот Филипче апелираше на разбирање и нагласи дека од почетокот на идната недела ќе почнат подготовки за ублажување на мерките и нормализирање на животот на граѓаните.
„Верувам дека апсолутно сите граѓани ја разбираат потребата од вакви мерки. Знам дека е многу тешко да се седи дома, посебно на вака убаво време, но токму во овие услови мора да се покаже максимална одговорност и секој од нас без исклучок да се придржува до она што е пропишано. Оваа состојба нема да трае вечно и нема да трае долго доколку сите се придржуваме до овие мерки“, истакна министерот Филипче.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека денеска со чартер лет се вратени 160 македонски граѓани од Брисел и Париз. Ова е досега единаесетти специјален лет а а вкупниот број на репатрирани македонски граѓани во организација на МНР, а во тесна соработка со Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, изнесува 2.704 државјани.
„Од нив 1.745 се вратиле со специјалните чартер летови на авиопревозникот Визер, а 214 со хуманитарни конвои, додека пак на 526 граѓани најчесто затекнати на други континенти, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана“, соопштија од МНР.
МВР пак информираше дека во последните 24 часа вкупно 90 лица не ја почитувале забраната за движење, приведени се 57 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки. Оттаму додаваат дека во изминатото деноноќие на 20 лица им се издадени решенија за изолација, а 241 лица потпишале изјави за самоизолација.
Facebook Forum