Линкови за пристапност

Петмина излекувани, пациентка почина на Инфективната клиника


Регистрирани се 25 нови случаи на заразени со коронавирус. Отворен нов пункт за тестирање во Скопје.Четворица здравствени работници од Штип во самоизолација. Тестот потврди, починатата од Лабуништа сепак била заразена со коронавирусот

СКОПЈЕ – Шеесет и пет годишна стружанка е последната жртва на коронавирусот во Северна Македонија. Таа синоќа починала на Инфективната клиника во Скопје а во меѓувреме се потврди и дека нејзината соселанка од Лабуништа која почина викендов и од која потмортем беше земен брис била позитивна на вирусот. Со ова бројката на жртви се искачи на единаесет. Надлежните соопштија дека послдната жртва била хоспитализирана пред една недела и имало сериозно нарушена здравствена состојба со дијагностицирана хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и зголемена телесна тежина.

Од Инфективната клиника пак денеска си заминаа пет пациенти чии резултати на два последователни теста биле негативни. Досега во државата успешно се излекувани седумнаесет лица.

„Од 28-те пациенти во Дебар, коишто се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денеска и во следните денови им се земаат контролните брисеви. Тие се во сосем добра општа здравствена состојба, поминати се доволен број денови за да се очекува дека се негативизирани, согласно нивната состојба и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот натамошен третман“, изјави министерот Филипче.

Вчера на Клиниката се примени уште девет нови пациенти со што бројката на хоспитализирани сега е 59 лица. Од нив 12 се со тешка клиничка слика а петмина се приклучени на респираторни машини.

Четири здравствени работници од штипската болница се во самоизолација откако биле во контакт со пациентка чиј прв тест бил негативен но откако и се влошила здравствената состојба таа повторно била тестирана и се потврдило присуство на коронавирусот. Станува збор за 80 годишна жена која во моментов е хоспитализирана во Скопје. И медицинска сестра од Куманово која работи на Клиниката за пулмологија во Скопје исто така е заразена со вирусот а како што налагаат процедурите веќе се направени интервјуа со колегите на клиниката.

Во изминатото деноноќие се регистрирани 25 нови случаи на коронавирус во земјата и тоа по седум во Скопје и Куманово, пет во тетово, по два во Прилеп и Струга,и по еден во гевгелија и Кочани. Вкупната бројка на заболени од коронавирусот во државата е 354 лица.

Гледано по градови, најголем број на заразени има во Скопје - 183 лица, во Куманово се регистрирани 54 случаи а во Дебар - 47.

Минстерот Филипче информираше дека во последните 24 часа се направени 257 теста а вкупната бројка на извршени тестирања е 3.775.

Од денеска се вршат тестирања и во поликлиниката Млин Балкан во Скопје која располага со 5.000 тестови. Во моментот во Скопје функционираат уште три пункта поликлиниките Чаир, Ченто и Јанае Сандански со капацитет од по 30 теста дневно а ист капацитет има и лабораторијата на Ветернираниот институт. Надлежните соопштија дека ќе се отворат нови пунктови во повеќе градови во државата.

Околу случајот со Охридската болница, каде пациентка заразена со коронавирус не беше примена на лекување и подоцна почина во својот дом во струшкото село Горно Татеши, Филипче соопшти дека се изречени казни на поранешната директорка, на доктори специјалисти од Одделот за инфектологија, како и на самата институција, а ќе заседава и Етичката комисија при Лекарската комора која може и да ги одземе лиценците за работа на вработените кај кои е тутврдена вина и пропусти во работењето.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG