Линкови за пристапност

Претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба во државата


Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Пред истекот Владата треба да достави извештај за ефектите и евентуално барање за продолжување за уште 30 дена. Изборите ќе се одложат а партиите да не собираат политички поени и гласови. Побара граѓаните да не патуваат во странство и да ги почитуваат препораките

СКОПЈЕ - Претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава во траење од триесет дена како мерка за поефикасно справување со заканата од коронавирусот и заштита на граѓаните и државата.

„Сакам да ја информирам македонската јавност дека предмалку ја потпишав одлуката за прогласување на вонредна состојба на територијата на цела држава.Мојата одлука се базира врз член 125 од уставот. Одлуката ја донесов заради заштита и справување со последиците од коронавирусот. Не очекуваат тешки денови но јас како претседател немам никакви дилеми во одлуката која ја носам “, рече претседателот Пендаровски.

Тој соопшти дека пред истекот на триесетте дена очекува од Владата да достави извештај за ефектите од воредната состојба, анализа и еветуално барање за продолжување за нови триесет дена. Исто така Владата, надлежните мнистерства, ЦУК и ДЗС и сите инволвирани институции дневно ќе треба да информираат за сите превземени активности и плановите за иднина.

„Прв пат од прогласувањето на нашата независност прогласуваме вонредна состојба и тоа укажува колку е голем ризикот.Од денес извршната власт ќе може да ги користи сите ресурси а тоа значи и државни и приватни. Владата ќе носи уредби со законска сила“, кажа Пендаровски.

Тој нагласи дека поради коронавирусот и донесените мерки за заштита штетите кои ги трпат во овој момент фирмите се огромни, особено оние кои воопшто не работат и затоа очекува Владата да биде на висина на задачата а тоа значи да понуди значителна помош и поддршка.

Предвремените парламентарни избори закажани за 12 април ќе со одложат.

„Сакам да нагласам дека лидерите на сите политички партии даваат поддршка за прогласување вонредна состојба. Владата ќе продолжи да функционира како техничка, сите политички партии ќе работат заеднички. Ќе се одложат изборите на 12 април и ќе бидат закажани кога ќе се создадат услови. Сите политички калкулации се безвредни во однос на животот на граѓаните“, порача Пендаровски.

Од граѓаните побара да бидат дисциплинирани и одговорни, да ги почитуваат мерките и препораките, да им помагаат на постарите и хронично болните и да не излегуваат без причина и потреба.

„Сакам посебно да им се заблагодарам на сите ангажирани здравствени работници, полицајци војници и волотери. Ако си помагаме, ако се држиме заедно, сигурно ќе ја пребродиме оваа тешка задача како и многупати досега во нашата историја“ кажа претседателот во своето обраќање.

На крајот тој им се обрати на македонските државјани кои се во странство и од нив побара да останат во земјата во која се но доколку сепак решат да се вратат дома седобредојдени и мора да знаат дека ќе треба да ги почитуваат сите прописи и мерки а тоа значи и задолѓителен 14 дневен карантин.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG