Предвремените парламентарни избори закажани за 12 април ќе се одложат. Така денеска беше решено во кабинетот на шефот на државата каде се одржа средбата на лидерите на најголемите политички партии. Ако лидерите постигнаа договор дека изборите ќе се одложат, прашање е како тоа правно да се спроведе во услови кога собранието е распуштено. Таа задача им е оставена на тим правни експерти, кои ќе ги одреди претседателот Пендаровски, кој ќе ги разгледува можните опции, а од тоа и ќе зависи новиот датум за избори.
„Задоволството е што постигнавме конзензус за одложување на изборите. Начинот како ќе се одложат, односно правните аспекти како политичката одлука ќе се имплементира, тоа останува на претседателот и на правните експерти“, изјави Бујар Османи од ДУИ.
„Верувам дека ќе се најдат правни формулации согласно кои ќе се одложат изборите и потоа пак ќе се закажат. Верувам дека институциите ќе прогласат вонредна состојба“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Барањето за вонредна состојба лидерот на СДСМ го аргументира со зголемувањето на бројот на заразени од коронавирусот и потребата од менаџирање на ситуацијата. Опозицијата со тоа не се согласува, бара постепено воведување посебни мерки, како и соодветно справување со економските последици.
„Можеби треба прво да се прогласи кризна состојба на цела територија на земјата, а потоа да се прогласи вонредна состојба,“рече претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Дел од лидерите побараа дополнителен ангажман од надлежните во кризните области.
„Граѓаните ги следат, генерално кажано, препораките, а институциите секогаш може повеќе да направат. Се препорачува одржување хигиена, а има информации за недостаток на средтсва во многу аптеки,“ рече Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села.
Во актуелната ситуација на распуштен парламент вонредна состојба може да прогласи шефот на државата – таквата мерка меѓу другото би значела дека владата би добила овластувања како собранието – да носи уредби со законска сила.
Facebook Forum