СКОПЈЕ - Уште три лица утрово се дијагностицирани како носители на коронавирус откако бил потврден резултатот на тестовите кои тие вчера ги направиле во приватната клиника „Жан Митрев“. Со ова вкупната бројка на регистрирани заболени од коронавирус во Северна Македонија е 26 лица. Деветмина се на домашно лекување а 17 се во изолација на Инфективната клиника. Досега е излечено едно лице, првиот пациент кај кој беа потврдени симптомите - жена од Скопје кој веќе е пуштена од болничка изолација и е на домашно лекување.
Според официјалните информации кои ги соопшти министерот за здравство Венко Филипче, станува збор за три лица од Скопје. Првиот пацинет имал гости од Србија кои најверојатно биле носители на вирусот и за нивниот идентитет веќе се известени тамошните власти. Другите двајца се брачен пар кои биле во Бугарија и биле во домашна изолација изминативе неколку дена.
„Пациентот е веќе префрлен во изолација на Инфективната клиника а сопружниците ќе бидат пренесени попладнево. Во моментот се тестираат шест членови на потесното семејство на првиот пациент а резултатите ќе бидат готови попладне. Епидемиолозите вршат интервјуа со трите нови заразени и ги мапираат нивните контакти и движење. Сите кои биле во контакт со нив ќе бидат контактирани“, соопшти министерот Филипче и ододаде дека капацитетите на Инфективната клиника се далеку од исполнети.
Здравствената состојба на останатите заболени е стабилна вклучувајќи ја и жената која неколку дена е приклучена на респираторна машина.
Во моментов се контактираат и тестираат патниците од летот Виена - Скопје, кои пристигнаа во државата ноќта меѓу четвртокот и петокот минатата недела а со кој дошла и скопјанката која вчера беше тестирана како позитивна на присуство на коронавирус.
Министерот Филипче кажа дека пикот на заразата се оечкува за еден месец.
„ Проекциите и проценките се дека бројката на заболени ќе се качиува и ќе достигне до две илјади а пикот ќе биде за еден месец од сега. Сепак овие информации треба да се земат со резерва“, рече Филипче.
Попладнево во државата треба да пристигне конвој со околу 200 македонски државјани кои беа заглавени на унгарско - српската граница. Повеќето од нив се работници во ризичните региони во Италија и Австрија. Тие ќе бидат интервјуирани на граничниот премин Деве Баир и ќе бидат префрлени во групен карантин во кадарната „Пепелиште“ на армискиот полигон Криволак каде ќе бидат тестирани и ќе биде следена нивната здравствена состојба.
„Епидемијата е во силен ек. Секоја епидемија има свој тек - почеток, акцелерација и врв и потоа намалување на случаите. Очекувано е согласно сите епидемиолошки податоци бројт на заболени да се зголемува. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија. Превземавме мерки и ги дополнивме. Ќе превземеме се што е потребно. Останете дома. Не се собирајте и групирајте. Ограничете движење. Не контактирајте многу со луѓето. Држете дистанца. Одржувајте лична хигиена, мијте раце често. Ова не е шега. Единствениот начин е ние да се однесуваме одговорно.Мораме да го заштитиме нашиот здравствен систем, искуствата од другите земји покажуваат дека зарзата се шири кога системот е оптеретен“, апелираше Филипче.
Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, соопшти дека во моментов полицијата обезбедува и врши проверки на 310 лица кои се во домашен карантин и дека спречила 14 обиди за кршење на карантинот во кризниот регион градот Дебар и општината Центар Жупа.
Полицијата отвори бесплатна телефонската линија со број - 080000201 каде граѓаните ќе можат да добијат соодветна информација во однос на функционирањето на услугите и сервисите на МВР во претстојниот период согласно состојбата со коронавирус и препораките на Владата
Предмалку заврши и лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски на која е договорено предвремените парламентарни избори закажани за 12 април да се одложат.
Facebook Forum