Линкови за пристапност

Пет нови случаи на заболени од коронавирус


Кај две лица кои се тестирале на приватна клиника резултатите се позитивни и тие повторно ќе бидат тестирани. Уште 31 лице е во карантин. Се затвараат граничните премини и аеродромот во Скопје. Кризна состојба не е воведена. Утре на лидерска средба ќе се одлучува за одложување на изборите

СКОПЈЕ - Уште пет лица се носители на коронавирус со што вкупната бројка на заболени во државата се искачи на 23. Станува збор за четири лица од Дебар и жена од Скопје која ноќта меѓу четвртокот и петокот слетала на скопскиот аеродром со лет од Виена а престојувала во Холандија. Контактирани се сите 31 патник во авионот како и таксистот кој ја вратил од аеродромот и тие ќе бидат ставени во домашен карантин.

Министерот за здравство Венко Филипче,соопшти дека кај две лица кои се тестирале на приватната клиника „Жан Митрев“ резултатите се позитивни но тестовите ќе се повторат утре во лабораторијата во Институтот за јавно здравје.

„ Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје која беше прегледана на Инфективната клиника која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе се хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14“, рече Филипче.

Здравствената состојба на веќе хоспитализираните носители на коронавирусот е стабилна и не е променета.Кај повеќето клиничката слика е лесна а критично е кај жената од Дебар која веќе неколку дена е поставена на респираторен апарат.

Министерот Филипче соопшти дека МВР поинтензивно ќе врши проверки на лицата кои се во самоизолација и домашен карантин, особено по информациите дека лица во Скопје и Стругакои се вратиле од Италија бегале од своите домови или пак пиеле лекови за да сокријат дека имаат покачена телесна температура.


Владата на вечерашната седница донесе одлука да се затворат сите гранични премини и скопскиот аеродром. На копнените гранични премини е забранет премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила за претставниците на димпломатскиот кор во државава, како и за лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.

Скопскиот аеродром пак ќе биде затворен 48 часа по стапување на сила на одлуката на Владата и на пистата ќе може да слетаат само државни, воено, карго, медицински, хуманитарни и празни летови.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров вечерва апелираше граѓаните да се воздржат од патување во странство и им порача на македонските државјани кои имаат регулуран статус и престој да останат во државите каде што престојуваат.

„Приоритет на МНР во моментов се граѓаните кои се заглавени на граничните премини во трети држави. Групата од 200 македонски државјани кои беа запрени на српско- унгарската граница се пренасочени преку Романија и Бугарија и во утринските часови треба да пристигнат на Деве Баир“, рече Димитров и додаде дека има најави од ЕУ за можни рестрикции во движењето на луѓето поради ширењето на коронавирусот.

На седницата на Советот за безбедност, иако се оечкуваше, не беше донесена одлука за проглесување на кризна состојба но со последните мерки кои ги донесе Владата - затварањето на граничните премини речиси се исполнети сите мерки кои би биле на сила и доколку се прогласеше.

„Според вечерашните проценки, нема потреба, но ако има потреба можеме да препорачаме како Совет за безбедност на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини освен во овие две. Да не ја мешаме кризната состојба која е одамна поставена пред четири години на нашата северна и јужна граница, но по друг повод“ рече претседателот Стево Педаровски.


Според него и според Советот, не треба да се избрзува со прогласување на кризна состојба на цела територија од две причини.

„ Прво, основната е дека нема потреба. Сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата на терен и реагираат фронтно. Значи, прво нема потреба. Второ, јасно е секаде во светот, за жал, кризата ќе трае. Кризата не е тука за да замине за недела или две. Ние мораме ресурсите кои ги имаме и кои не се толку издашни да ги димензионираме спрема реалните потреби и спрема реалните ризици“, рече Пендаровски.

Претседателот апелираше граѓаните да ги почитуваат стриктно сите мерки кои се предложени и познати, како и нашите државјани без потреба да не патуваат надвор особено во земји кои се високо, умерено или средно ризични од овој аспект или, пак, оние кои веќе работат таму, без голема потреба, да не се враќаат во својата земја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG