Директорот на ФБИ, Кристофер Реј, неодамна рече дека борбата против насилниот екстремизам мотивиран од расна или етничка нетрпеливост е „приоритет на највисоко ниво како што е ИСИС“. И овие екстремистички групи користат тактики на ИСИС за регрутирање нови членови, вели поранешен член на ваква група.
Кристијан Пичолини е експерт за омраза.
„Во 1987 година бев регрутиран во првата американска неонацистичка група на скинхедс“ вели Кристијан Пичолини, поранешен неонацист.
Сведочењето на Пичолини во Конгресот во 2019 година беше последниот чекор во неговата трансформација што започнала како незадоволен тинејџер од вредно имигрантско семејство.
„Трагав по чувство за идентитет, заедница и цел. Бев на маргините. Главно малтретиран изминатите 14 години, најдов смисла на тие маргини. Еден ден, додека пушев џоинт, еден човек ми ја тргна цигарата од уста, ме погледна в очи и рече дека тоа е она што комунистите и Евреите сакаат да го правите за да ве држат послушни. Ниту знаев кои се комунисти, ниту се сеќавам дек асум сретнал Евреин, а уште помалку разбрав што сака да ми каже. Но, за прв пат во мојот живот почувствував дека некој всушност ме виде, ме вклучи“ вели Пичолини.
Со движењето останал осум години.
„Во 1995 година основав дискографска куќа за да продавам расистичка музика која што ја увезував и ја правев. Но во продавницата продавав различен вид музика – панк рок музика, хип хоп и хеви метал и почнав да среќавам луѓе кои беа црни, Евреи или геј. За прв имав позначајна интеракција со нив. Почнав да чувствувам промени. Демонското во мене почна да се бори со човечкото. Благодарен сум им на тие луѓе кои знаеја кој сум и сепак ми пристапија човечки, во време кога најмалку заслужував. Тоа беше најмоќниот момент на мојата трансформација“ вели Пичолини.
Пичолини има напишано неколку книги за своето патување и за организацијата наречена „Слободни радикали“ за да им укаже на младите дека има подобри опции од екстремизмот.
„Она што го гледам со белиот национализам денес е многу слично на она што го видов во раните денови на Ал Каида или ИСИС. Пропагандната тактика е иста, регрутирањето е многу слично, употребата на висококвалитетни маркетинг видеа што покажуваат надеж за слава, ако се вклучите во борбата“ вели Пичолини.
Тој вели дека се обидува да биде личноста која би сакал да му пришла на 14-годишниот Кристијан Пичолини пред многу години.