СКОПЈЕ- Три нови случаи на заразени од коронавирус се регистрирани попладнево, соопштија надлежните. Информацијата ја потврди и министерот Венко Филипче, кој соопшти дека станува збор за роднини на сопружниците од Дебар, кои веќе неколку дена се во изолација на инфективната клиника во Скопје
„Од осумте тестирани пациенти на коронавирус попладнево, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на коронавирусот. Позитивните пациенти, од петокот, 6 март, беа во домашна изолација со решение за ДСЗИ, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје“, соопштија од министерството за здравство.
Петмината кои попладнево беа тестирани а чии резулати се негативни се лицето кое на 26-ти минатиот месец престојувало во Бугарија и неговата сопруга, македонскиот државјанин кој пред три дена пристигнал од Сингапур, жител на Гевгелија и жител на Дебар.
Утрово директорката на Клиниката за дерматологија беше позитивна на присуство на коронавирус. Таа била на скијање во Италија, во еден од најтешко погодените региони, и се вратила назад пред десетина дена но наместо да ги почитува препораките и да остане во домашен карантин таа одела на работното место и поркај противењето на медицинскиот тим. Директорката е префрлена во болничка изолација а поради неа е затворена клиниката за кожни болести и 193 лица се ставени во домашен карантин.
Министерот Филипче најави дека ќе ја разреши од функцијата а Лекарската комора треба да одлучи дали ќе и ја одземе лиценцата.
Досега се регистрирани седум случаи на коронавирус во Северна Македонија а во домашна изолација се над 250 лица.
Facebook Forum